Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Откровение 21:1-27

Откровение 21:1-27 MK2006

И видов ново небо и нова земја, зашто поранешната земја помина, и морето го немаше веќе. Тогаш јас, Јован, го видов светиот град Ерусалим, нов, како слегува од Бога, од небото, стокмен како невеста променета за својот маж. И чув висок глас од небото како збо­рува: „Ете го светиот шатор, све­ти­лиш­тето на Бога меѓу луѓето, и Тој ќе жи­вее со нив; тие ќе бидат Негов народ, а Сам Бог ќе биде со нив – нивниот Бог. И ќе ја избрише Бог секоја солза од очите нивни, и смрт нема да има веќе; ни плач, ни пискот, ниту болка нема да има веќе, бидејќи поранешното помина.“ И Седнатиот на престолот рече: „Ете, сѐ ново создавам.“ И ми рече: „Напиши, зашто овие зборови се вистинити и верни.“ Потоа ми рече: „Се сврши! Јас (сум) Алфа и Омега, почетокот и крајот. На жедниот ќе му дадам Јас од изворот на жива вода дарум. Кој победува, ќе наследи сѐ, и ќе му бидам Бог, а тој ќе Ми биде син. А на плашливците и неверниците, на поганите и убијците, на блудниците и маѓесниците, на идолопоклониците и на сите што лажат, делот им е во езерото што гори со оган и сулфур, тоа е втората смрт.“ Тогаш дојде кај мене еден од се­дум­те ангели, што ги држеа седумте чаши, полни со седумте последни казни, ми прозборе и рече: „Дојди, ќе ти ја по­ка­жам невестата – жената на Јагнето.“ Па ме одведе преку Духот во една голема и висока гора и ми го покажа големиот град, светиот Ерусалим, кој слегуваше од небото – од Бога, и имаше Божја слава; светлината негова прилегаше на најскапоцен ка­мен, како светол камен јаспис; тој имаше големи и високи ѕидови, дванаесет порти, а над нив дванаесет ан­гели и напишани имињата на дванаесет­те колена на синовите Израелови: спроти исток – три порти, спроти север – три порти, спроти југ – три порти, спроти запад – три порти. Ѕидовите на градот имаа дванаесет темели, и врз нив имињата на дванаесетте апостоли на Јагнето. Оној што зборуваше со мене имаше златна трска за да го измери градот и портите негови и ѕидовите негови. Градот беше четириаголен, а дол­жината му е колку што и широчината. Тој го измери градот со трската и најде дека изнесува дванаесет илјади стадии; должината, широчината и височината негова – еднакви. Потоа ги измери ѕидовите негови, што беа сто четириесет и четири лакти, со мерка човечка која е и ангелска. Ѕидовите му беа изградени од јас­пис; а градот – од чисто злато, како чис­то стакло. Темелите на градските ѕидови беа украсени со секаков вид скапоцени камења: првиот темел – јаспис, вториот – сафир, третиот – халкидон, четвртиот – смарагд, петтиот – сардоникс, шестиот – сард, седмиот – хрисолит, осмиот – вирил, деветтиот – топаз, десеттиот – хрисопрас, единаесеттиот – хијацинт, дванаесеттиот – аметист. А дванаесетте порти беа дванаесет бисери: секоја порта беше од еден би­сер; улиците на градот беа од чисто зла­то како проѕирно стакло. Храм, пак, не видов во него, бидејќи Господ Бог Седржителот и Јагнето се неговиот храм. И градот немаше потреба ни од сонце, ни од месечина за да светат во него, зашто Божјата слава го осветлува, а светило му е Јагнето. И спасените народи ќе одат по неговата светлина, и царевите земни ќе ја принесат во него својата слава и чест. А портите негови нема да се зак­лу­чуваат дење, бидејќи таму нема да има ноќ. И ќе ја внесат во него славата и честа на народите; и нема во него да влезе ништо не­чисто, ни оној кој врши гнасни работи и лаже, а само оние кои се запишани во книгата на животот на Јагнето.