И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино; и стоејќи оддалеку, од страв пред нејзините маки ќе велат: ‚Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, зашто во еден час дојде пресудата твоја!‘ И трговците земни ќе плачат и ридаат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува; стоки од злато и сребро, од драгоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо и мермер; и цимет и темјан, миро и ливан, вино и масло, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души човечки. И овошјата, за кои душата ти копнееше, повеќе ги немаш, и сето богатство и сјај исчезнаа за тебе, и нема веќе да ги најдеш. Трговците, кои со тие стоки се збогатија од неа, ќе стојат оддалеку од страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи ќе зборуваат: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери, зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘ И сите сопственици на кораби, и сите патници во корабите, и морнарите, и оние што тргуваат по море, застанаа оддалеку и викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: ‚Кој беше како овој голем град?‘ И ги посипаа главите свои со пепел и со плачење викаа и велеа: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем со чии скапоцености се обогатија сите што имаа кораби по море; зашто за еден миг запусте!‘