А по ова видов како слегува од небото друг ангел кој имаше голема власт: и земјата светна од неговиот болскот. И извика силно, зборувајќи со висок глас: „Падна, падна великиот Вавилон, и стана ѓаволско живеалиште и засолниште на секаков нечист дух, врталиште на сите нечисти и гадни птици; зашто со отровното вино на своето блудство ги напои сите народи. И царевите земни блудствуваа со неа, а трговците земни се збогатија од нејзината голема раскош!“ И чув друг глас од небото како вели: „Излезете од неа, луѓе Мои, за да не соучествувате во гревовите нејзини, и да не добиете од казните нејзини; бидејќи гревовите нејзини стигнаа до небото, и Бог си спомна за неправдите нејзини. Платете ѝ како што и таа ви плати вам и дајте ѝ двојно онолку за делата нејзини; со чашата, со која ве служеше, послужете ја двојно. Колку што се прослави и живееше раскошно, толку мака и јад вратете ѝ. Зашто во срцето свое вели: ‚Седам како царица, вдовица не сум и мака нема да видам.‘ Затоа во еден ден ќе ја сполетаат казните; смрт, жалост и глад, и ќе биде изгорена во оган, зашто силен е Господ Кој ја суди. И ќе заплачат и ќе заридаат по неа царевите земни, кои блудствуваа со неа и живееја раскошно, кога ќе го видат димот од горењето нејзино; и стоејќи оддалеку, од страв пред нејзините маки ќе велат: ‚Тешко, тешко, голем граде Вавилоне, граде силни, зашто во еден час дојде пресудата твоја!‘ И трговците земни ќе плачат и ридаат за неа, бидејќи стоките нивни нема веќе никој да ги купува; стоки од злато и сребро, од драгоцени камења и бисери, од висон и порфир, од свила и скерлет, секакво миризливо дрво и секакви работи од слонова коска: секакви изработки од скапоцено дрво, од бакар, железо и мермер; и цимет и темјан, миро и ливан, вино и масло, брашно и пченица, говеда и овци, коњи и коли, тела и души човечки. И овошјата, за кои душата ти копнееше, повеќе ги немаш, и сето богатство и сјај исчезнаа за тебе, и нема веќе да ги најдеш. Трговците, кои со тие стоки се збогатија од неа, ќе стојат оддалеку од страв пред маките нејзини, и плачејќи, и ридајќи ќе зборуваат: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем, облечен во свила, порфир и скерлет, украсен со злато, драгоцени камења и бисери, зашто во еден миг пропадна толку големо богатство!‘ И сите сопственици на кораби, и сите патници во корабите, и морнарите, и оние што тргуваат по море, застанаа оддалеку и викаа, па гледајќи го димот од горењето негово, велеа: ‚Кој беше како овој голем град?‘ И ги посипаа главите свои со пепел и со плачење викаа и велеа: ‚Тешко, тешко тебе, граде голем со чии скапоцености се обогатија сите што имаа кораби по море; зашто за еден миг запусте!‘ Весели се поради тоа, небо, и вие светии и апостоли и пророци, зашто Бог ги заштити вашите права! Тогаш еден силен ангел подигна еден камен, голем како воденички камен, па го фрли во морето и рече: ‚Со такво бучење ќе биде сринат Вавилон, големиот град, и ќе го нема веќе!‘ И глас на харфисти, пејачи, свирачи и трубачи во тебе нема веќе да се чуе; никаков уметник од која и да е уметност нема веќе да се најде во тебе, шум од воденичен камен нема веќе да се чуе во тебе. И светлина од светила нема веќе да осветлува во тебе, и глас на младоженец и невеста нема веќе да се чуе во тебе, бидејќи трговците твои беа големи луѓе на земјата, зашто преку твоите магии се заблудија сите народи. И во него се најде крв на пророци и светии, а и на сите што беа погубени на земјата.“