Потоа видов: ете, Јагнето стои на гората Сион, и со Него сто четириесет и четири илјади, што го имаа на челата свои напишано името на Неговиот Отец. И чув глас од небото како шум од многу води и како звук од силен гром; чув глас на харфисти што свират на харфите свои и како да пеат нова песна пред престолот и пред четирите животни и старешините; и никој не можеше да ја научи таа песна, освен оние сто четириесет и четири илјади, кои беа откупени од земјата. Тие се оние што не се осквернија со жена, бидејќи се девствени; тие се оние што го следеа Јагнето каде и да оди, Тие се откупени меѓу луѓето, првенци на Бога и на Јагнето, и во устата нивна измама не се најде; тие се непорочни пред престолот Божји.
И видов друг ангел како лета среде небото, кој имаше вечно Евангелие, за да им благовести на жителите земни, на секое племе и колено, јазик и народ. Тој зборуваше со висок глас: „Имајте страхопочит кон Бога и подајте Му слава, зашто настапи часот на Неговиот суд, и поклонете Му се на Оној Кој ги создал небото и земјата, морето и водните извори!“ И друг ангел се појави по него, велејќи: „Падна, падна Вавилон, големиот град, зашто сите народи ги напои со жестокото вино на своето блудство!“ И трет ангел по него наиде, зборувајќи со висок глас: „Кој ќе му се поклони на ѕверот и на бистата негова, и прими белег на челото свое или на раката своја, тој ќе пие од виното на јароста Божја, вино неразводнето, излеано во чашата на Неговиот гнев, и ќе биде мачен со оган и сулфур пред светите ангели и пред Јагнето. Димот од мачењето нивно ќе се издига во сите векови; нема да имаат мир ни дење, ни ноќе оние што ќе му се поклонат на ѕверот и на неговата биста, и што ќе го примат белегот на неговото име!“ Тука е трпението на светиите; тука се оние што ги пазат заповедите Божји и верата во Исус. Чув глас од небото како да ми вели: „Напиши – блажени се мртвите кои отсега умираат во Господ! Да – вели Духот – нека се одморат од трудот свој, зашто делата нивни ги следат!“
И видов: ете, светол облак, и на облакот седеше сличен на Синот Човечки; на главата Своја Тој имаше златен венец, а во раката – остар срп. И друг ангел излезе од храмот и извика со силен глас на Оној што седеше на облакот: „Замавни со српот и жнеј, зашто дојде твојот час за жетва: бидејќи житото на земјата е зрело!“ И Оној што седеше на облакот го фрли српот свој на земјата и земјата беше пожнеана. И друг ангел излезе од храмот, што се наоѓаше на небото, и имаше исто така остар срп. И друг ангел, кој имаше власт над огнот, излезе од жртвеникот и со силен глас извика кон оној што имаше остар срп, велејќи: „Фрли го српот свој и обери го грозјето од земното лозје, зашто зрната му се веќе зрели!“ И ангелот го фрли српот свој на земјата, го обра земното лозје и го фрли во големата каца на Божјиот гнев, и се изгмечи кацата надвор од градот, и потече крв од кацата дури до уздите на коњите, на илјада и шестотини стадии.