И кога ќе го завршат сведоштвото, тогаш ѕверот, кој ќе излезе од бездната, ќе им објави војна и ќе ги победи, и ќе ги убие. А труповите нивни ќе ги остави по улиците на големиот град, кој духовно се нарекува Содом и Египет, каде што и нивниот Господ беше распнат. И многу од народите и племињата и јазиците ќе ги гледаат нивните трупови три и пол дена и нема да дозволат нивните трупови да бидат погребани во гробови. И жителите на земјата ќе се зарадуваат и развеселат поради нив, и ќе си праќаат подароци еден на друг, бидејќи тие два пророка ги мачеа оние што живеат на земјата. Но по три и пол дена во нив ќе влезе животен дух од Бога, и тие ќе се исправат на нозете свои, и голем страв ќе ги обземе оние што ќе ги гледаат. Тогаш тие ќе чујат висок глас од небото како им вели: „Искачете се ваму!“ И тие ќе се искачат на небото во облаци, и непријателите нивни ќе ги видат. Во тој час ќе настане голем земјотрес и една десетина од градот ќе се сруши; а од земјотресот ќе загинат седум илјади човечки имиња: другите, пак, ќе се исплашат и ќе Му оддадат слава на небесниот Бог. Второто зло мина. Ете, брзо иде третото зло.
Затруби и седмиот ангел, и по небото одекнаа силни гласови, кои викаа: „Царството на светот стана царство на нашиот Господ и на Неговиот Христос, и Тој ќе царува во сите векови!“ И дваесет и четирите старешини, кои седеа пред Бога на престолите свои, паднаа ничкум и Му се поклонија на Бога, велејќи: „Ти благодариме, Господи Боже Седржителе, Кој си, Кој беше и Кој ќе бидеш, зашто ја прими Својата голема сила и се зацари! Народите збеснаа, но дојде Твојот гнев и времето да им се суди на мртвите и да дадеш награда за слугите Твои – на пророците, на светиите и на оние кои имаат страхопочит кон името Твое, мали и големи, и да ги погубиш оние што ја уништуваа земјата!“ Тогаш на небото се отвори храмот на Бога, и се јави ковчегот на заветот во Неговиот храм; и имаше светкавици и гласови, громови и земјотрес, и град голем.