Милоста Твоја, Господи, вечно ќе ја воспевам, од род во род ќе ја разгласувам со устата своја Твојата вистина. Зашто рече: милоста е за вечност установена, а на небото Ти ја утврди Твојата верност. „Јас поставив завет со Моите избраници, му се заколнав на Мојот слуга Давид: за вечност ќе го одржувам твоето потомство, од род во род и ќе го утврдувам твојот престол.“ И небото ќе ги прославува, Господи, Твоите чудесни дела и Твојата вистина во собранијата на светиите. Зашто, кој на облаците ќе се споредува со Господ и кој од синовите Божји ќе се изедначи со Господ? Во соборот на светиите Бога Го прославуваат; велик е и страшен за сите што се околу Него. Господи, Боже на силите, кој е моќен како Тебе? Силен си Ти, Господи, и верноста Твоја Те опкружува. Ти управуваш со силата на морето и силните бранови негови Ти ги скротуваш. Ти го скрши Рахав како труп, со Твојата крепка рака ги распрсна непријателите Свои. Твои се небесата и Твоја е Земјата; вселената и она што ја исполнува, Ти си ги основал. Север и југ Ти си ги создал; Тавор и Ермон за Твоето име се радуваат. Силна е Твојата мишка, цврста е раката Твоја, високо е издигната десницата Твоја! Праведноста и правдата се основа на Твојот престол; милоста и верноста одат пред Твоето лице. Блажени се луѓето што го познаваат трубниот глас. Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи; за Твоето име се радуваат цел ден и со Твојата праведност се возвишуваат, зашто Ти си похвала на силите нивни и со Твоето благоволение се издига нашиот рог, бидејќи нашата заштита доаѓа од Господ и од светецот Израелов, нашиот Цар. Некогаш Ти си им зборувал на Твоите верни во видение и си рекол: „Јас му дадов помош на силниот, го издигнав избраникот меѓу Мојот народ. Го најдов Мојот слуга Давид; со своето свето масло го помазав. Раката Моја ќе остане со него, и мишката Моја ќе го закрепнува. Непријателот не ќе може ништо да му направи, и синот на беззаконието нема да го собори. Ќе ги уништам пред него непријателите негови и ќе ги победам оние што го мразат. И Мојата верност и Мојата милост се со него, и преку Моето име ќе се возвишува неговиот рог. И ќе ја положам над морето раката негова, и над реките – десницата негова. Тој ќе ме повикува: Ти си мој Отец, мој Бог и крепост на моето спасение. И Јас ќе го направам првороден син, повисоко од земните цареви, засекогаш ќе му ја зачувам Мојата милост и Мојот завет со него ќе биде верен. И ќе го продолжам засекогаш неговото потомство и неговиот престол, – колку деновите на небото.