Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 78:1-35

Псалми 78:1-35 MK2006

Слушни ги народе мој поуките мои, нека чуе увото ваше што зборува устата моја. Ја отворам устата своја со парабола и ќе зборувам за непознатите работи од старо време, работи што ги чувме и дознавме и што ни раскажуваа татковците наши, нема да ги криеме од нивните деца, на идниот род ќе му раска­жуваме за славата на Господ и силата Негова, и чудесата Негови што Тој ги изврши. Тој подигна сведоштво во Јаков и положи закон во Израел, и им заповеда на татковците наши сето тоа да им го објават на децата свои, за да знае идниот род, децата, што ќе се родат, та и тие во свое време да им раскажуваат на своите деца, да ги полагаат надежите свои во Бога, да не ги забораваат делата Бож­ји, да ги чуваат Неговите заповеди и да не бидат како татковците нивни – род тврдоглав и бунтовен, непостојан по срце и не Му остана верен на Бога со духот свој. Синовите Ефремови, вооружени, стрелајќи со лакови, отстапија во денот на битката: тие не го запазија заветот на Бога и не сакаа да одат по Неговиот закон. Ги заборавија Неговите добрини и чудеса, што им ги беше покажал, чудесата што пред очите на нив­ните татковци ги направи во египетската земја, во полињата на Цоан; го раздвои морето и ги преведе преку него, и ги постави водите како насип; дење ги водеше со облак, а по цела ноќ – со огнена светлина; разби карпа во пустината и ги на­пои како од голема бездна. Од карпата изведе вода, и води по­текоа како реки. Но тие продолжуваа и понатаму да грешат пред Него и да Го огорчуваат Севишниот во пустината: Го искушуваа Бога со срцето свое, барајќи храна за своето лакомство, па Го нападнаа Бога, велејќи „Мо­же ли Бог да приготви трпеза во пустина?“ Ете, Тој удри во карпа – и бликнаа води, потекоа потоци. Може ли Тој да му даде и леб, може ли да му приготви месо на Својот народ? Поради ова што го чу, Господ се разгневи и пламна во гнев, и оган се разгоре против Јаков и гнев се крена против Израел, затоа што не поверуваа во Бога и не се надеваа на спасението во Него. Тој им заповеда на облаците одозгора и се отворија вратите на небесата, па им истури дожд од мана да јадат, и им даде леб небесен. Леб ангелски јадеше човекот: Тој им испрати храна до наситување. Го раздвижи од небото јужниот ветар и со силата Своја го дотера југо­западниот ветар, па ги обложи со месо како со прав и со птици пернати како со песок морски: ги нафрла среде нивниот табор, околу нивните живеалишта, и тие јадеа и се заситија: и тоа што го сакаа, им го даде. Но уште не беше минала нивната желба, и храната уште им беше во устата нивна, а гневот Божји дојде врз нив, ги уби нивните најсилни и израелските момчи­ња ги погуби. При сето тоа тие продолжуваа да грешат и не поверуваа во чудесата Не­гови. И така им минеа дните нивни по­пусто и годините нивни во ужас. Кога ги убиваше, тогаш Го бараа, се обраќаа и прибегнуваа кон Бога, и се сеќаваа дека Бог е нивен по­мошник и дека Севишниот Бог е нивен избавител.