Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 118:1-29

Псалми 118:1-29 MK2006

Славете Го Господа, зашто Тој е до­бар, зашто милоста Негова е вечна. Нека каже сега домот Израелов дека милоста Негова е вечна. Нека рече сега домот Аронов дека милоста Негова е вечна. Нека кажат сега сите, кои се бојат од Господ: дека милоста Негова е вечна. Кога бев на мака, Го повикав Господа и Тој ме услиши и на ширина ме изведе. Господ е мој помошник, нема да се плашам: што може да ми направи човек? Господ ми е помошник: и јас побе­доносно ќе гледам на непријателите мои. Подобро е да се надевам во Гос­под, отколку да се надевам во човек. Подобро е да се надеваш во Гос­под, отколку да се надеваш во кнезови. Сите народи ме опколија, но со името Господово јас ги разбив; ме опседнаа, ме обиколија, но со името Господово јас ги победив. Ме опкружија како пчели околу сотка, па се запалија како оган во трње: со името Господово јас им се против­ставив. Ме турнаа силно за да паднам, но Господ ми помогна. Господ е крепост моја и сила; Тој стана мое спасение. Глас на радост и на спасение се слу­ша во домовите на праведните; десницата на Господ дава сила! Десницата Господова ме возвишу­ва, десницата Господова дава сила. Нема да умрам, но ќе живеам и ќе ги разгласувам делата Господови. Господ строго ме казни, но на смрт не ме предаде. Отворете ми ја вратата на правдата: ќе влезам во неа, ќе Го прославувам Господа. Ете, тоа е вратата Господова, пра­ведните влегуваат низ неа; ќе Те славам, зашто ме услиши и стана спасение мое. Каменот што го отфрлија ѕидари­те, стана камен темелник. Тоа е од Господ, и прекрасно е во очите наши. Ова е денот што го создаде Гос­под за да се зарадуваме и да се развеселиме во него. О, Господи, спаси нѐ! О, Господи, побрзај! Нека е благословен оној, кој оди во името на Господ! Ве благословуваме од домот Господов. Бог е Господ и Тој нѐ осветлува; образувајте празнична придружба до роговите на жртвеникот. Бог мој си Ти и Тебе ќе Те сла­вам; Бог мој си Ти и Тебе ќе Те превознесувам. Славете Го Господа, зашто Тој е до­бар, зашто милоста Му е вечна.