Псалми 107:1-43
Псалми 107:1-43 MK2006
Славете Го Господа, зашто е добар, зашто е вечна милоста Негова! Така да велат избавените од Господ, оние што ги откупи од непријателска рака. И ги собра од земјите, од исток и од запад, од север и од морето. Тие скитаа по безводната пустина и нигде пат ниту населен град не најдоа; трпеа глад и жед, душата им ослабна во нив, но во жалоста своја Го повикаа Господа, и Тој ги избави од нивните неволји и ги поведе по правиот пат, за да одат кон населен град. Нека Го слават Господа за милоста Негова и за чудесата Негови што им ги направи на синовите човечки: зашто Тој ја напојува жедната душа и душата гладна ја исполнува со блага. Тие седеа во темнина и смртна сенка, оковани со сиромаштија и железо; бидејќи не се покорија на зборовите Божји и се противеа на волјата на Севишниот. Тој го скрши нивното срце со мака, се сопнаа, и немаше кој да им помогне. Тогаш во тагата своја повикаа кон Господ, и Тој ги спаси од маките нивни; ги изведе од темнината и смртната сенка и ги раскина оковите нивни. Нека Го слават Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела кон синовите човечки, зашто Тој ги здроби бронзените порти и ги скрши железните резиња. Неразумните страдаа поради своите грешни патишта и поради беззаконијата свои! Од секоја храна им се одвраќаше душата, и се приближија до вратата на смртта. Но во тагата своја повикаа кон Господ, и Тој ги спаси од неволјите нивни; го испрати Своето слово, ги излекува и ги спаси од пропаст. Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова спрема синовите човечки! Нека Му принесуваат похвална жртва и нека ги разгласуваат делата Негови со радост. Оние што запловија по море на кораби, што имаа работа по големите води – тие ги гледаа делата на Господ и чудесата Негови во длабочините. Тој рече – и настана бурен ветер и високо ги издигна морските бранови; се издигаа до небесата, слегуваа до бездната; нивната присебност се губи во неволјата; тие се збунуваат, се нишаат како пијани, и сета нивна мудрост им исчезнува. Тогаш во скрбта своја повикаа кон Господ, и Тој ги изведе од маките нивни. И ѝ заповеда на бурата и таа се претвори во тивок ветрец и брановите молкнаа. Тие се развеселија, зашто стивнаа, а Тој ги упати кон нивното сакано пристаниште. Нека Го прославуваат Господа за милоста Негова и за Неговите чудесни дела спрема синовите човечки! Нека Го возвеличуваат со собранието народно и нека Го слават во советите на старешините! Тој претвора реки во пустина, и водни извори – во сушна земја, земја плодородна – во солница, поради злобата на оние што живеат во неа. Тој претвори пустина во езеро, а сува земја – во земја со водни извори; таму насели гладни, а тие изградија град за живеење; засеаја ниви, насадија лози, и тие им даваат свои плодови. Тој ги благословуваше, и тие многу се размножуваа, и добитокот нивен Тој не им го намалуваше. Кога беа проредени и пострадаа од притисокот на злото и од неволјата, Тој изли презир над кнезовите и ги остави да скитаат по пустината, каде што нема патишта. Но бедниот го извлече од сиромаштија, го умножи родот негов како овчо стадо. Праведните го гледаат тоа и се радуваат, а секоја злоба си ја затвора устата своја. Кој е мудар и го пази ова, ќе ја разбере милоста Господова.


