Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Псалми 106:31-48

Псалми 106:31-48 MK2006

И тоа му се прими за праведност од род во род довека. И Го разгневија Бога кај водите на Мерива, и Мојсеј настрада заради нив, зашто тие го огорчија духот негов, и тој згреши со устата своја. Не ги истребија народите, за кои им беше рекол Господ, туку се смешаа со незнабошците и свикнаа на нивните дела; им служеа за нивните идоли, кои им станаа замка, и ги жртвуваа синовите свои и ќер­ките свои на злите духови; и проливаа невина крв, крвта на синовите свои и на ќерките свои, што им ги жртвуваа на хананските идоли, па земјата се извалка од таа крв; се осквернија со делата свои, блудствуваа со постапките свои. Се разгоре гневот на Господ против Неговиот народ, и Му омрзна наследството Негово, па ги предаде во рацете на непријателите и завладеаја над нив оние што ги мразеа. Непријателите нивни ги угнетуваа, и тие се покоруваа под нивната рака. Многупати ги избавуваше, но тие беа бунтовни со своите намери, па беа понижени поради своите беззаконија. Па сепак, Тој погледна на нивната потиштеност, кога ги слушаше нивните молби, си спомна на Својот завет со нив, се сожали поради големата милост Своја; па поттикна сожалување спрема нив кај оние што ги беа заробиле. Спаси нѐ, Господи, Боже наш, и со­бери нѐ од незнабошците за да го сла­виме Твоето свето име, да се фалиме со Твојата слава! Нека е благословен Господ, Бог Израелов, отсекогаш засекогаш! И сите луѓе нека велат: Амин! Амин! Алилуја.