Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 7:1-27

Изреки 7:1-27 MK2006

Синко, пази ги зборовите мои, и сокриј ги во тебе заповедите мои. Пази ги заповедите мои, и ќе жи­вееш; пази го и учењето мое, како зеницата на очите свои. Врзи ги на прстите свои, напиши ги на плочите од срцето свое. Кажи ѝ на мудроста: „Ти си ми сестра!“ – и наречи го разумот твој роднина, за да те пазат од туѓа жена, која збо­рува пријатно. Ете, еднаш гледав од прозорецот на куќата моја, низ мојата решетка, и видов меѓу неискусните, забе­ле­жав меѓу младите едно неразумно момче, кое минуваше преку плоштадот бли­зу до нејзиниот агол и кое одеше по па­тот кон нејзината куќа, на квечерина кога се стемнуваше, во ноќната темнина и во мракот. И ете, во пресрет му доаѓа жена, наконтена како блудница, со подмолно срце, зборлива и нескротлива, нозете нејзини не се запираат в куќи: де на улицата, де по плоштадите и на секој агол поставува стапици. Таа го зграпчи, го бакна и со бес­рамно лице му зборуваше: „Жртва за мир имам денес: денес ги исполнив заветите свои; затоа и излегов да те пресретнам, за да те побарам, и те најдов; со покривки го украсив леглото свое, со разнобојни платна египетски; леглото свое го попрскав со смирна, алој и дарчин; дојди, ќе се насладуваме со љубовта дури до зори, дојди да се радуваме во милување, зашто маж ми не е дома: тој замина на долг пат; една ќеса сребро зеде со себе; ќе си дојде дома кон полната месечина.“ Со многу ласкави зборови таа го привлече, со меката уста своја го овла­деа. Тој веднаш тргна по неа, како што вол оди на колење и како елен – на истрел, додека стрела не му го пробие црниот дроб, како птичка што се фрла во стапица, а не знае дека е таа за неј­зина погибел. И затоа, синко, послушај ме и внимавај на зборовите од устата моја. Да не скршнува срцето твое по нејзиниот пат, да не талка по патеките нејзини, зашто таа многумина смртно ра­нила, и многумина јунаци таа убила. Нејзиниот дом е пат кон пеколот, кој води во внатрешните живеалишта на смртта.