Еве шест работи, кои Господ ги мрази – дури седум, што Му се одвратни на душата Негова: очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв, срце што крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло, лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа.
Синко, чувај ја заповедта на својот татко и не отфрлај ја поуката на мајка си; врзи ги засекогаш за срцето свое, врзи ги околу вратот свој. Кога тргнуваш, тие ќе те раководат; кога легнеш да спиеш, ќе те чуваат, а кога ќе се разбудиш, ќе разговараат со тебе; зашто заповедта е светило, добриот совет – светлина, а поуката – пат кон животот, за да те чуваат од расипана жена, од ласкав јазик на туѓа. Не посакувај ја убавината нејзина во срцето свое, и да не те вовлече со трепките свои, зашто блудната жена се задоволува со корка леб, а жена прељубодејка го уловува скапоцениот живот. Може ли некој да носи оган во гради, а да не се запали облеката негова? Може ли некој да оди по вжарени јаглења, а да не ги изгори нозете свои? Истото тоа станува и со оној, кој влегува кај жената на ближниот свој; оној што ќе се допре до неа, нема да остане без вина. Не му проштеваат ни на крадецот, ако краде за да си ја насити душата, кога е гладен; ако го фатат, тој плаќа седумпати повеќе, го дава целиот свој имот. Кој, пак, врши прељуба со прељубница, тој нема ум; си ја погубува душата своја, оној што го прави тоа; биење и срам ќе најде тој, и бесчестието негово нема да се избрише, зашто љубомората ја разгорува јароста на мажот, и во денот на одмаздата своја – тој не ќе знае за милост, нема да прими никаков откуп и нема да се задоволи ни со многу подароци.