Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 6:1-19

Изреки 6:1-19 MK2006

Синко, ако си зел одговорност за твојот ближен и си ја дал раката своја за друг, ти си се врзал со зборовите на устата своја, фатен си со зборовите на својата уста. Затоа направи, синко еве што, за да се избавиш, бидејќи си паднал во рацете на својот ближен: оди, падни пред но­зете на блискиот свој и моли го; не давај им сон на очите твои и дремка на клепките свои, спасувај се како срна од стапица и како птица од птичар. Оди кај мравката, мрзливче, види ја нејзината работа и биди мудар. Таа нема ниту началник, ни настој­ник, ниту заповедник; но ја приготвува храната лете, ја собира во време на жетва храната своја. До кога, мрзливче ќе спиеш? Кога од сонот ќе станеш? Малку ќе поспиеш, малку ќе подремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш: и ќе дојде сиромаштијата твоја како патник, и немаштијата твоја ка­ко разбој­ник. Човек лукав, човек нечестив оди со лажлива уста, намигнува со очите, говори со нозе­те, дава знаци со прстите, во срцето негово има подмолност: тој смислува зло во секое време, сее раздори. Затоа ненадејно ќе дојде неговата пропаст, наеднаш ќе биде сотрен – и не ќе има лек за него. Еве шест работи, кои Господ ги мрази – дури седум, што Му се одвратни на душата Негова: очи горделиви, јазик лажлив и раце, што пролеваат невина крв, срце што крои лоши планови, нозе, кои брзо трчаат кон зло, лажен сведок, кој измислува лаги, и оној, што сее раздор меѓу браќа.