Зборовите на царот Лемуел, со кои го поучила неговата мајка. Ах, сине мој! Ах, сине на утробата моја! Ах, сине на заветите мои! Не давај им ја на жени силата своја, ниту судбината своја на оние од нив, кои цареви погубуваат. Не е за царевите, Лемуеле, не е за царевите вино да пијат, ниту за кнезовите – жесток пијалак, за да не го заборават, откако ќе се опијат, законот и да ја искривуваат правдината на угнетените. Дајте му алкохол на оној што оди во погибел; вино нека пијат оние со мака во душата своја; нека пивне тој за да ја заборави сиромаштијата своја и да не ги чувствуваат веќе болките свои. Отворај ја устата своја за обесправениот, и за заштита на сираци. Отворај ја устата своја и праведно суди, и заштитувај ги и сиромавиот и немоќниот.
Кој ќе најде жена добродетелна? Таа е поскапа и од најскапоцените камења. Срцето на мажот нејзин е убедено во неа, тој нема да остане без добивка; таа ќе му прави добро на мажот свој, во сите дни од животот негов. Набавува волна и лен, и весело работи со рацете свои. Таа е како трговски кораб, – оддалеку си донесува храна. Таа станува уште преку ноќта и дава храна во куќата своја и им определува работа на слугинките свои. Ќе помисли ли за нива, ја купува; од плодот на рацете свои си насадува лозје. Ја препашува со сила половината своја и ги зајакнува рацете свои. Таа гледа колку ѝ напредува работата, и светилката нејзина не се гасне ноќе. Ги протега рацете кон фурката, и прстите нејзини се фаќаат за вретеното. Дланката своја му ја отвора на сиромав, и раката своја на оној, кој има нужда, му ја подава. Не се плаши од студ за челадта своја, зашто сета челад нејзина е облечена во двојни алишта.