Зборовите на Агур, син Јакеов; негово пророштво, кажано на Итиел, на Итиел и Укал. Навистина, јас сум понеук од кого и да било меѓу луѓето, и во мене нема разум човечки, и не се научив на мудрост, и не успеав да Го запознаам Сесветиот. Кој се искачил на небото и слегол оттаму? Кој собрал ветар во пазувата своја? Кој врзал вода на наметката своја? Кој ги поставил сите краишта на земјата? Како му е името? И кое е името на синот негов? Знаеш ли? Секој збор од Бога е чист; Тој му е штит на оној, што се надева на Него. Не додавај кон зборовите Негови, за да не те разобличи, и да не излезеш лажливец. За две работи те молам; не ми откажувај пред да умрам: суетата и лагата оддалечи ги од мене, сиромаштија и богатство не ми давај, – храни ме со насушниот леб, та, откако ќе се пренаситам, да не се откажам од Тебе и да кажам: „Кој е Господ“ или, откако ќе осиромашам, да не почнам да крадам и да го употребувам името на мојот Бог напразно. Не клевети го слугата пред господарот негов, за да не те проколне, и ти да останеш виновен. Има изроди, кои го колнат својот татко и не ја благословуваат својата мајка. Лошото чедо се смета за чисто, а не е измиено од нечистотиите свои. Лошото чедо високо ги држи очите свои, и толку се кренати клепките негови! Има изроди чии заби се како мечеви, а вилиците нивни се како ножеви, за да ги изедуваат сиромасите по земјата и немоќните меѓу луѓето.
Ненаситноста има две ќерки: „Дај, дај!“ Има три работи ненаситни и четири што не велат: „Доволно е.“ Тоа се: пеколот и утробата неплодна, земјата што не се наситува со вода, и огнот, кој не вели: „Доста!“ Око, што му се потсмева на татко си и не сака да се покорува на мајка си, ќе биде исколвано од долински гаврани и од орлови пилци изедено!