Човек, кој, иако разобличуван, останува тврдоглав, неочекувано ќе биде скршен, и ќе нема за него лек. Кога праведниците се умножуваат, народот се весели, а кога безбожниот господари, народот офка. Човек, кој ја сака мудроста, го радува татко си; а кој се дружи со блудници, имотот го растура. Царот со правда ја зајакнува земјата своја, а кој љуби подароци, ја расипува. Човек кој му ласка на пријателот, поставува стапица за нозете негови. Гревот на лошиот човек е стапица за него, а праведникот ќе се весели и ќе се радува. Праведниот грижливо вникнува во маката на бедните, а безбожниот не се интересира за тоа. Развратните луѓе го бунтуваат градот, а мудрите го смируваат гневот. Умен човек, кога се суди со безумен човек, се лути ли, или се смее, – нема мир. Крвожедните луѓе го мразат непорочниот, а праведните се грижат за неговиот живот. Глупавиот го излива сиот свој гнев, а мудриот се воздржува. Ако управителот слуша лажни зборови, тогаш и сите негови службеници стануваат нечесни. Сиромавиот и лихварот се среќаваат еден со друг; но Господ им дава и на двајцата светлина во очите. Ако царот им суди на сиромасите по правда, престолот негов ќе се зајакне засекогаш.