Лав што рика и мечка гладна, тоа е безбожниот властодржец над беден народ. Неразумен управител врши многу угнетувања, а кој го мрази користољубието, ќе има долги дни. Човекот, виновен за пролевање на човечка крв, бега до гроб, за да не го фати некој. Кој оди непорочно, ќе биде неповреден; а кој оди по криви патишта, ќе падне на еден од нив. Кој си ја обработува земјата, ќе се наситува со леб, а кој е мрзлив и не работи, ќе се насити со сиромаштија. Верен човек ќе биде многу благословуван, а кој брза да се збогати, не останува без казна. Не е добро да се биде лицемерен: таков човек и за парче леб ќе изврши неправда. Завидлив човек брза кон богатството и не мисли дека сиромаштијата ќе го стигне. Кој разобличува човек, отпосле ќе најде поголема благонаклоност, отколку оној што му ласка со јазикот. Кој го краде татко си и мајка си и вели: „Тоа не е грев“, тој им е соучесник на грабителите. Горделивиот предизвикува караници, а кој се надева на Господ, ќе преуспее. Кој се надева на себеси, безумен е; а кој постапува мудро, ќе биде спасен. Кој дава на сиромав, нема да осиромаши; а кој ги крие очите од него, ќе биде проколнуван. Кога безбожните се издигаат, луѓето се кријат, а кога паѓаат, праведниците се умножуваат.