Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне. Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Тој ќе го оттргне од него гневот Свој. Не лути им се на зломислениците и не завидувај им на безбожниците, зашто лошиот нема иднина; и светилото на безбожните ќе згасне. Имај страв, синко, од Господ и од царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот, зашто неочекувано ќе дојде казната од нив, – а кој е тој што ќе ја предосети пропаста од нив двајцата?
Кажано е од мудрите: не е добро во судот да има пристрасност. Кој му вели на виновниот: „Прав си“, него народите ќе го проколнуваат, него племињата ќе го мразат; а кои разобличуваат, ќе бидат сакани, и врз нив ќе дојде благословот. Во устата бакнува оној, кој изговара зборови чесни. Уреди ги работите надвор од куќата, сврши ги на нивата своја, а потоа гради го домот свој. Не сведочи лажно против ближниот свој: зошто да лажеш со устата своја? Не вели: „Како ми направи тој мене, така и јас ќе му направам нему: ќе му се одмаздам за навредата што ми ја нанесе.“
Минував покрај нивата на мрзлив човек и покрај лозје на неразумен човек: и ете, сѐ беше обраснато со трње, нивата беше покриена со коприва, а камената ограда негова беше урната. И погледнав, го устремив срцето свое, погледнав и поука извлеков: „Малку ќе поспиеш, малку ќе задремеш, малку со скрстени раце ќе полежиш“ – и сиромаштијата ќе ти дојде како брзоодец, и немаштијата твоја – како вооружен човек.