Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 24:1-22

Изреки 24:1-22 MK2006

Не завидувај им на лошите луѓе, и не посакувај да бидеш со нив, зашто срцето нивно насилство на­мислува, и устите нивни за лошо зборуваат. Со мудрост куќа се изградува и со разум се зацврстува, а со умешност нејзините простории се исполнуваат со секакви скапоцености и добра. Мудриот човек е силен, а разумниот – ја зацврстува силата своја. Затоа со обмислување се води војна, а успех ќе има со многу советувања. Мудроста е недостижна за глупавиот, затоа тој не отвора уста на собирите. Кој мисли да направи зло, ќе го на­речат зломисленик. Безумието има само една мисла: гре­вот, а исмејувачот е одвратен за луѓето. Ако во злочест ден си се покажал слаб, скудна ти е силата. Спасувај ги оние што ги водат на смрт, и поштеди ги оние, кои упла­шени одат кон губилиштето. Ако кажеш: „Ете, ние не го знаевме тоа“, а Оној, Кој ги испитува срцата, зар не знае? Оној, Кој бдее над душата твоја, го знае тоа и ќе му даде на чове­кот според делата негови. Јади, синко, мед, затоа што е пријатен, и јади восочен мед, кој е сладок за грлото твое: такво е за душата твоја и познавањето на мудроста. Ако си ја нашол, имаш иднина, а твојата надеж нема да те остави. Не помислувај зло, безбожниче, против живеалиштето на праведниот, не опустошувај го местото на спокој­ството негово, зашто седумпати ќе падне праведникот – и пак ќе стане; а падне ли не­чесен, тој изнемогнува во злото. Немој да се радуваш, кога непријателот твој ќе падне, и срцето твое да не се весели, кога тој ќе се сопне. Инаку, Господ ќе види, и тоа пред очите Негови нема да биде угодно, и Тој ќе го оттргне од него гневот Свој. Не лути им се на зломислениците и не завидувај им на безбожниците, зашто лошиот нема иднина; и све­тилото на безбожните ќе згасне. Имај страв, синко, од Господ и од царот; не востанувај ни против едниот ни против другиот, зашто неочекувано ќе дојде казната од нив, – а кој е тој што ќе ја предосети пропаста од нив двајцата?