Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 20:16-30

Изреки 20:16-30 MK2006

Земи ја облеката негова, бидејќи се заложил за туѓ човек; и за туѓинка земи залог од него. Леб, спечален со неправда, му се засладува на човек; но подоцна – устата негова со песок се наполнува. Намерите добиваат цврстина пре­ку советување: дури по советувањето води војна. Кој оди да оговара, открива тајна, и кој широко ја отвора устата своја, со него не се здружувај. Кој зборува лошо за татко си и за мајка си, зениците на очите негови ќе згаснат среде длабока темнина. Наследство, што се добива уште во почетокот, набрзина, нема да биде благословено отпосле. Не вели: „Ќе му се одмаздам на непријателот“, туку остави на Господ, Тој ќе ти помогне. Двојни мерки се одвратност пред Господ; и неточни мерки не се добри пред Господ. Стапките на човекот се насочу­ваат од Господ; тогаш, како човекот може да го дознае патот свој? Стапица е за човекот набрзина да вети жртва, а по жртвата да се кае. Мудар цар ги распознава нечес­ните и го свртува врз нив тркалото. Господов светилник е човечкиот дух, кој ги испитува сите длабочини на срцето. Милоста и вистината го запазуваат царот, и со милост тој го одр­жува прес­толот свој. Слава за младите е нивната сила, а украс за старците – е нивната бела коса. Раните од борбата се лек против злото, како и ударите, што стигнуваат до внатрешноста на утробата.