Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Изреки 14:13-35

Изреки 14:13-35 MK2006

И при смеа понекогаш срцето боли, а по радоста настапува тага. Човек со развратно срце ќе ги добие плодовите на своето однесување, а добриот – ќе живее во задоволство. Неразумниот верува на секој збор, а благоразумниот е внимателен на своите чекори. Мудриот има страв и бега од злото, а неразумниот не се чува, бидејќи се чувствува безбеден. Избувливиот човек прави глупости, а пакосниот е омразен. Безумните глупост добиваат за на­града, а благоразумните се украсуваат со знаење. Лошите ќе се поклонат пред добрите, а безбожните – пред вратите на праведникот. Сиромавиот го мразат дури и неговите блиски, а богатиот има многу пријатели. Греши оној што го презира својот ближен, а блажен е оној што е милосрден кон сиромасите. Нели се заблудуваат оние, што кројат зло? Но милост и верност има кај оние што мислат добро. Од секој труд има добивка, а празните зборови водат кон скудност. Венец на мудрите е богатството нивно, а животот на безумните е глупост. Верен сведок души спасува, а лажливиот лаги измислува. Во стравот пред Господ има голема надеж, и на чедата Свои Тој им е прибежиште. Стравот Господов е извор на животот, извор што оддалечува од мрежите на смртта. Во многуброен народ е величието на царот, а кога нема народ – пропаст е за господарот. Кај трпеливиот човек разум има многу, а лутиот полн е со глупости. Кроткото срце е живот за телото, а зависта е гнилеж за коските. Кој притеснува сиромав, го навредува неговиот Создател, а кој Го почитува Создателот, му прави добро на оној што е во нужда. За своето зло безбожниот ќе про­падне, а праведниот и при смртта ќе има надеж. Мудроста почива во срцето на разумниот, а во срцето на безумниот ја нема. Правдата народ подига, а беззаконието срамоти народи. На царот мил му е разумниот слуга, а се разгневува против оној, кој го посрамува.