И дојдоа ќерките на Салпаад, син на Хефер, кој беше син на Галаад, а тој – син на Махир, од поколението на Манасија, син Јосифов; и еве ги имињата на ќерките негови: Махла, Ноа, Хогла, Милка и Тирца; и откако застанаа пред Мојсеј, пред свештеникот Елеазар, пред кнезовите и пред целото општество, при влезот од скинијата на собранието, рекоа: „Таткото наш умре во пустината, и тој не беше меѓу соучесниците што станаа против Господ заедно со луѓето на Кореј, туку умре поради свој грев, без синови. Зошто да се загуби името на таткото наш меѓу племето негово поради тоа што нема син? Дајте ни дел меѓу браќата на таткото наш!“ И Мојсеј го изнесе прашањето нивно пред Господ. А Господ му рече на Мојсеј: „Право велат Салпаадовите ќерки; дај им наследствен дел меѓу браќата на таткото нивни и предај им го ним делот на нивниот татко, а на синовите на Израел јави им и кажи: ако некој умре, и не остави син, предавајте го наследството негово на ќерките негови; ако, пак, тој нема ќерки, давајте го неговиот дел на браќата негови; ако нема браќа, дајте го неговиот дел на стриковците негови; ако, пак, нема ни стриковци, дајте му го неговиот дел на најблискиот негов роднина од неговиот род; и нека биде тоа закон за синовите израелски, како што му заповедал Господ на Мојсеј!“