Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Броеви 22:1-20

Броеви 22:1-20 MK2006

Тогаш синовите израелски тргнаа и се настанија во западниот дел на Моав, од другата страна на Јор­дан, спроти Ерихон. И Валак, синот Ципоров, виде сѐ што им беше направил Израел на Аморејците. И Моавците многу се уплашија од тој народ, бидејќи беше многуброен; затоа тие многу се уплашија од си­новите на Израел. Тогаш Моавците им рекоа на мидјанските старешини: „Овој народ сега истребува сѐ околу нас, како што воло­вите ја изедуваат полската трева.“ А Валак, синот Ципоров, беше моавски цар во тоа време. Тој испрати пратеници кај Валаам, синот Беоров во Петор што е крај Реката во земјата на неговите предци, да го повикаат и да му кажат: „Ете, народот што дојде од Египет, го покри лицето земно, и сега се смести близу до мене. Затоа дојди и проколни го тој народ, бидејќи се посилни од мене: тогаш можеби ќе бидам во состојба да ги поразам и да ги изгонам од земјата моја; бидејќи знам дека кого ќе го благо­словиш ти, тој е благословен, и кого ќе го проколнеш, тој е проколнат.“ И отидоа моавските старешини и старешините мидјански со подароци во рацете за врачувањето и дојдоа при Ва­лаам и му ги соопштија Валаковите зборови. И тој им рече: „Преспијте ноќеска овде, и јас ќе ви одговорам што да правите, онака како што ќе ми рече Господ.“ И моавските старешини оста­наа кај Валаам. И дојде Бог кај Валаам и му рече: „Кои се оние луѓе кај тебе?“ Валаам Му одговори на Бога: „Моавскиот цар Валак, синот Ципоров ги испратил кај мене да кажат: Ете, народот што дојде од Египет, го покри земното лице; дојди, па, про­колни го; тогаш можеби ќе можам да го поразам и да го изгонам.“ И му рече Бог на Валаам: „Не оди со нив, не проколнувај го тој народ, бидејќи е благословен.“ И утрината стана Валаам и им рече на кнезовите Валакови: „Вратете се во својата земја, зашто Бог не ми дозволува да одам со вас.“ Тогаш моавските кнезови станаа и се вратија при Валак, и му рекоа: „Ва­лаам не сакаше да дојде со нас.“ И Валак пак испрати кнезови, повеќе и со поголема чест од првите. И тие дојдоа кај Валаам и му рекоа: „Вака вели Валак, синот Ципоров: ‚те молам, не откажувај да дојдеш кај мене; ќе ти укажам големи почести и ќе направам сѐ што ќе ми кажеш; па дојди и проколни го тој народ.‘“ Валаам одговори и им кажа на слугите Валакови: „Да ми ја дадеше Валак и куќата своја, полна со злато и сребро, не можам да ја прекршам заповедта на Господ Бог, и да извршам нешто мало или големо; но сепак, останете и вие тука оваа ноќ, и јас ќе разберам што уште ќе ми каже Господ.“ И дојде ноќта Бог кај Валаам и му рече: „Ако овие луѓе дошле да те викаат, стани, оди со нив; но прави го само она што ќе ти го речам Јас.“