Тогаш целиот народ почна да вика и плачеше целата таа ноќ; и сите синови израелски негодуваа против Мојсеј и Арон, и целиот народ им велеше: „О, да бевме умреле во египетската земја, или да бевме изумреле во оваа пустина! И зошто Господ нѐ води во таа земја, за да паднеме во борба! Жените наши и децата наши ќе станат плен; не е ли подобро да се вратиме во Египет!“ Па си велеа едни на други: „Да си избереме старешина, и да се вратиме во Египет.“ Тогаш Мојсеј и Арон паднаа ничкум пред целото општество на синовите израелски. Тогаш Исус, синот Навинов, и Халев, Синот Јефунеов, кои беа од оние што ја беа разгледале земјата, ги раскинаа облеките свои и им рекоа на сите собрани синови израелски: „Земјата што ја изодивме, за да ја разгледаме, е многу, многу добра. Ако Господ нѐ сака, ќе нѐ воведе во неа и ќе ни ја даде – таа земја, каде што тече мед и млеко; само не бунтувајте се против Господ и не плашете се од народот на таа земја: тој е мал залак за нас; тие немаат заштита, а со нас е Господ; не плашете се од нив.“ И сиот народ рече: „Да ги убиеме со камења!“ Но славата Господова се јави над скинијата на собранието пред сите синови израелски.
И му рече Господ на Мојсеј: „До кога ќе Ме огорчува овој народ, и до кога нема да Ми верува и покрај сите знаци што ги извршив Јас меѓу него? Ќе го казнам со смрт, ќе го уништам, и ќе создадам од тебе народ помногуброен и посилен од овој.“ Но Мојсеј Му рече на Господ: „Ќе чујат Египќаните, од чија средина Ти со силата Своја го изведе овој народ, и ќе им кажат на жителите на таа земја, кои слушнале дека Ти, Господи, си меѓу овој народ, и дека Ти, Господи, им се јавуваш како лице во лице, и Твојот облак стои над нив, и Ти одиш пред нив дење во облаков столб, а ноќе во огнен столб; па, ако Ти го уништиш овој народ до последен човек, тогаш сите оние што слушнале за славата Твоја, ќе речат: ‚Господ, не можејќи да го воведе овој народ во земјата што со клетва му ја вети, го погуби во пустината.‘ И така, нека се возвеличи силата Твоја, Господи, како што рече, велејќи: ‚Господ е долготрпелив и многумилостив, Кој ги простува беззаконијата и престапите, и не остава без казна, туку за беззаконијата на предците ги казнува потомците дури до третото и четвртото колено.‘ Прости им го гревот на овие луѓе поради Твојата преголема милосрдност, како што си му простувал на овој народ од Египет до тука.“ И рече Господ: „Простувам според зборот твој; но жив сум Јас, и целата земја е полна со славата Господова: затоа сите оние што ја видоа славата Моја и делата Мои што ги извршив во Египет и во пустината, и Ме искушуваа веќе десетпати, и не го послушаа гласот Мој, нема да ја видат земјата што со клетва им ја ветив на предците нивни; сите оние што Ме огорчуваа, нема да ја видат