Од потомците Манасиеви според родовите нивни, според семејствата нивни, според домовите на предците нивни, според бројот на имињата, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Манасиево триесет и две илјади и двесте. Од потомците Венијаминови според родовите нивни, според семејствата нивни, според домовите на предците нивни, според бројот на имињата, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Венијаминово триесет и пет илјади и четиристотини. Од потомците Данови според родовите нивни, според семејствата нивни, според домовите на предците нивни, според бројот на имињата, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Даново, шеесет и две илјади и седумстотини. Од потомците Асирови според родовите нивни, според семејствата нивни, според домовите на предците нивни, според бројот на имињата, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Асирово четириесет и една илјада и петстотини. Од потомците на Нефталим според родовите нивни, според семејствата нивни, според домовите на предците нивни, според бројот на имињата, од дваесет години нагоре, сите способни за војна, се изброија од племето Нефталимово педесет и три илјади и четиристотини; тоа се оние што влегоа во пребројувањето и што ги преброија Мојсеј и Арон и началниците израелски – дванаесетмина луѓе, по еден човек од секое племе. Сите, влезени во пребројувањето, потомци Израелови, од дваесет години и нагоре – сите од Израел способни за војна, изброени беа шестотини и три илјади петстотини и педесет.
А левитите меѓу нив не беа броени според татковите им племиња. И му рече Господ на Мојсеј, велејќи: „Само Левиевото колено не пребројувајте го и не мешајте го со синовите на Израел; но на левитите довери им ја скинијата на собранието, сите нејзини принадлежности и сѐ што е во неа: тие нека ја носат скинијата и сите нејзини принадлежности и да служат во неа, и околу скинијата да бидат распоредени; а кога ќе треба да се пренесува скинијата, левитите да ја креваат, и кога ќе треба да се застане, левитите да ја симнат; ако, пак, до неа пристапи некој од друго племе, да биде убиен. Синовите израелски треба да бидат распоредени секој во својот логор, секој кај своето знаме, во својата чета. А левитите да се сместат околу скинијата на собранието, за да не падне гнев врз општеството на синовите израелски; левитите да стојат на стража при скинијата на собранието.“ И направија синовите на Израел сѐ: онака како што му заповеда Господ на Мојсеј, така направија.