Ти им напомнуваше да се свртат кон Твојот закон, но тие беа тврдоглави и не ги слушаа Твоите заповеди, се отстрануваа од Твоите закони, преку кои би живеел човек, ако ги исполнуваше, го свиткаа грбот, се покажаа тврдокорни и не слушаа. Чекајќи да се обратат, Ти ги трпеше многу години и им напомнуваше со Твојот Дух преку пророците Свои, но тие не слушаа. Тогаш ги предаде во рацете на туѓи народи. Но, по големото Свое милосрдие, Ти не ги истреби докрај и не ги оставаше, бидејќи Ти си Бог добар и милостив. И сега, Боже наш, Боже величествен, силен, страшен, Кој го пази заветот и милоста, нека не биде мало пред лицето Твое сето страдање што нѐ снајде нас, царевите наши, кнезовите наши, свештениците наши, татковците наши и сиот Твој народ од дните на асирските цареви до денес. Во сѐ што нѐ снајде, Ти си праведен, зашто Ти постапуваш според правдата, а ние сме виновни. Царевите наши, кнезовите наши, свештениците наши и татковците наши не го извршуваа Твојот закон и не им посветуваа внимание на Твоите заповеди и Твоите удари, со кои ги потсетуваше. И во своето царство, при Твојата голема добрина што им ја укажуваше, и во широката и плодородна земја што им ја оддели, тие не Ти служеа и не се одвратуваа од своите лоши дела. И, еве, сега сме робови; во таа земја што Ти им ја даде на татковците наши за да се хранат од плодовите нејзини и од благата нејзини, еве, сега ние ѝ робуваме. И своите плодови таа изобилно ги принесува за царевите, на кои нѐ потчини заради гревовите наши. И тие по своја волја владеат над телата наши, и над добитокот наш, и ние сме во голема мака.“