Кога слушнаа Санавалат, Товија и Гешем, Арабјанецот и другите наши непријатели дека јас го изѕидав ѕидот, и дека на него не остана ниту една пукнатина – до тоа време, меѓутоа, не бев поставил уште врати на портите, – тогаш Санавалат и Гешем испратија луѓе да ми кажат: „Дојди да се сретнеме во Кефирим, во долината Оно!“ Тие намислиле да ми направат зло. Но јас испратив пратеници да им кажат: „Зафатен сум со голема работа, не можам да слезам; работата ќе запре, ако ја оставам и слезам кај вас.“ Четирипати тие ми испраќаа таква покана, а јас им враќав ист одговор. Тогаш Санавалат го испрати по мене, за петти пат, слугата свој со отворено писмо во раката своја. Во него беше напишано: „Глас се разнесува меѓу народите, и Гешем тврди дека, божем, ти и Јудејците сте намислиле да дигнете востание, поради што и го ѕидаш ѕидот и сакаш да им бидеш цар; така се зборува; си поставил и пророци да разгласуваат за тебе во Ерусалим и да говорат: ‚цар јудејски!‘ А таквите зборови ќе дојдат до царот. Затоа дојди, и ќе се посоветуваме заедно.“ Но јас испратив да му кажат: „Ништо такво немало, за што зборуваш; сам си го измислил со својот ум.“ А тие сите нѐ заплашуваа, велејќи: „Ќе им капнат рацете од таа работа, и таа нема да се заврши.“ Но јас уште повеќе си ги зацврстив рацете свои.
Прочитај Неемија 6
Сподели
Спореди ги сите верзии: Неемија 6:1-9
Зачувај стихови, читај офлајн, гледај наставни клипови и уште многу повеќе!
Дома
Библија
Планови
Видеа