Пристигнав во Ерусалим и останав таму три дни. Потоа станав ноќе со неколку мажи, што беа со мене, и никому не му кажав што ми ставил Бог на срце да направам за Ерусалим; а немаше никакво добиче со мене, освен она на кое јавав. Така минав ноќе преку Долинските Порти накај Изворот на Змејот и низ Гноишните Порти, ги разгледав разрушените ѕидишта на Ерусалим и изгорените негови порти со оган. И дојдов до Изворните Порти и до царскиот базен, но таму немаше место да мине добичето што беше под мене; и се вратив назад по долот ноќе и ги разгледав ѕидиштата и, откако минав пак низ Долинските Порти, се вратив. Но старешините не знаеја, каде одев и што правев: дотогаш не им бев открил ништо ни на Јудејците, ниту на свештениците, ниту на првенците, ниту на началниците, ниту на другите што беа задолжени околу таа работа. Затоа им реков: „Гледате во каква неволја се наоѓаме; Ерусалим опусте, и портите негови со оган се изгорени; да одиме и да ги изградиме ѕидовите на Ерусалим, та да не бидеме веќе за срам.“ И им раскажав дека добрата рака на мојот Бог беше над мене, – и за зборовите на царот што ми ги кажа. Па им реков: „Да станеме и да градиме!“ Тогаш им се зацврстија рацете за општо добро дело. Кога го слушнаа тоа Санавалат хорончанецот и Товија, амонски роб, и Гешем Арабјанецот, ни се потсмевнуваа и рекоа со презир: „Што сакате да направите? Мислите ли да кренете бунт против царот?“ Јас им одговорив и реков: „Небесниот Бог, Тој ќе ни помогне, и ние, слугите Негови, чисти ќе почнеме да ѕидаме, а за вас нема да има ни дел, ни право, ни спомен во Ерусалим.“