Тогаш Јован Му одговори и рече: „Учителе, видовме еден, кој во Твое име изгонува демони, а не врви по нас; и му забранивме, зашто не оди по нас.“ А Исус рече: „Не бранете му, зашто никој, што прави чудо во Мое име, не ќе може наскоро да говори зло за Мене. Зашто, кој не е против вас, тој е со вас. И кој ве напои со чаша вода во Мое име, затоа што сте Христови, вистина ви велам, нема да остане без награда.“
„А кој ќе соблазни едно од овие малите, што веруваат во Мене, за него е подобро да му обесат воденички камен на вратот и да го фрлат в море. И ако те соблазнува раката твоја, отсечи ја; подобро е за тебе без рака да влезеш во животот, отколку да имаш две раце и да отидеш во пеколот, во неизгасливиот оган, (каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува.) И, ако те соблазнува ногата твоја, отсечи ја; подобро е за тебе сакат да влезеш во животот, отколку да ги имаш двете нозе и да бидеш фрлен во пеколот, во неизгасливиот оган, (каде што нивниот црв не умира ни огнот не изгаснува.) И, ако окото твое те соблазнува, извади го; подобро е за тебе со едно око да влезеш во царството Божјо, отколку да имаш две очи и да бидеш фрлен во огнениот пекол, каде што нивниот црв не умира, и огнот не изгаснува. Зашто секој со оган ќе се посоли, (и секоја жртва со сол ќе се осоли). Солта е добра; но, ако солта облутави, со што ќе ја осолите? Затоа имајте сол во себе, и мир имајте меѓу себе!“