И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книжници, кои се препираа со нив. И штом Го виде, сиот народ се исплаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“ Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух; и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на учениците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“ А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“ И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството; и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“ А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што верува!“ И одеднаш таткото на момчето извика и со солзи рече: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие!“ А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“ И кога извика, силно го стресе и излезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го истераме?“ Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“
И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере. Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне. Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат.
И дојде во Капернаум; и кога беше дома, ги праша: „Што размислувавте меѓу себе патем?“ Тие молчеа, зашто патем се препираа меѓу себе, кој е поголем. Тој седна и ги повика дванаесетте, па им рече: „Кој сака да биде прв, нека биде последен од сите, и слуга на – сите!“ И тогаш зеде едно дете, го постави меѓу нив, го гушна и им рече: „Кој прима едно такво дете во Мое име, Мене Ме прима, а кој Ме прима Мене, не Ме прима Мене, туку Оној, Кој Ме пратил.“