Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 9:1-32

Марко 9:1-32 MK2006

И им рече: „Вистина ви велам: тука стојат некои, што нема да вкусат смрт, додека не го видат царството Божјо, дојдено во сила.“ А по шест дни, Исус ги зеде со Себе Петар, Јаков и Јован и ги одведе сами на висока гора, насамо, и се преобрази пред нив. Алиштата Му станаа светли, многу бели, како снег, какви што белило на земјата не може да избели. И им се јави Илија со Мојсеј, и разговараа со Исус. Тогаш проговори Петар и Му рече на Исус: „Рави, добро ни е да бидеме овде; да направиме три колиби: една за Тебе, една за Мојсеј и една за Илија.“ Зашто не знаеше што да каже, би­дејќи беа многу уплашени. И се појави облак, па ги засени; и од облакот дојде глас, кој велеше: „Овој е Мојот возљубен Син, Него слушајте Го!“ И одеднаш, кога погледнаа наоколу, никого веќе не видоа покрај себе, освен Исус. А кога слегуваа од гората, им за­по­веда никому да не кажуваат што ви­де­ле, додека Синот Човечки не воскресне од мртвите. И го задржаа тој збор во себе, прашувајќи се еден со друг што значи тоа: „Да воскресне од мртвите?“ И Го прашаа, велејќи: „А зошто книжниците велат дека најнапред треба да дојде Илија?“ А Тој, пак, одговори и рече: „Илија ќе дојде порано и ќе уреди сѐ; а Синот Човечки, како што е напишано за Него, треба да пострада многу и да биде понизен. Но ви велам дека и Илија дојде, ка­ко што е напишано за Него, и му на­пра­вија што сакаа.“ И кога дојде кај учениците Свои, виде многу народ околу нив и книж­ни­ци, кои се препираа со нив. И штом Го виде, сиот народ се ис­плаши; а кога се приближија, Го поздравуваа. Ги праша книжниците: „Зошто се препирате со нив?“ Тогаш еден од народот одговори и рече: „Учителе, го доведов кај Тебе син ми, во кого има нем дух; и секогаш, каде и да го фати, го кутнува, и тој се запенува, и крцка со забите, и се здрвува. И им кажав на уче­ниците Твои да го изгонат, но тие не можеа.“ А Исус одговори и рече: „О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До ко­га ќе ве трпам? Доведете го кај Мене!“ И кога го доведоа кај Него – штом го виде, веднаш духот го стресе; и тој падна наземи и се валкаше запенет. Го праша Исус татко му: „Колку време има откако станува тоа со него?“ Тој одговори: „Од детството; и многупати духот го фрлал во оган, и во вода, за да го погуби: но, ако можеш, смилувај се над нас и помогни ни!“ А Исус му рече: „Ако можеш да поверуваш – сѐ е можно за оној што верува!“ И одеднаш таткото на момчето из­вика и со солзи рече: „Верувам, Гос­поди, помогни му на моето неверие!“ А Исус, штом виде дека се собра народ, строго му заповеда на нечистиот дух и му рече: „Духу нем и глув. Јас ти заповедам: излези од него, и не влегувај веќе во него!“ И кога извика, силно го стресе и из­лезе; а момчето беше како мртво, така што мнозина велеа дека умрело. Исус, пак, откако го фати за рака, го исправи; и тоа стана. И кога влезе Исус во една куќа, учениците Негови Го прашаа насамо: „Зошто ние не можевме да го исте­раме?“ Им одговори: „Овој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост.“ И кога излегоа оттаму, минуваа преку Галилеја; и Тој не сакаше некој да разбере. Зашто ги учеше учениците Свои и им велеше дека Синот Човечки ќе биде предаден во човечки раце, и ќе Го убијат, и на третиот ден по убивањето ќе воскресне. Но тие не ги разбираа овие зборови и се плашеа да Го прашаат.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност