Во тие дни, кога се беше собрал многу народ и немаше што да јадат, Исус ги повика учениците Свои и им рече: „Ми е жал за народот, зашто веќе три дни стојат кај Мене и нема што да јадат. Ако ги пуштам да си одат гладни по куќите нивни, ќе премалеат по патот, зашто некои се дојдени оддалеку.“ Учениците Му одговорија: „Од каде може човек сите овие да ги нахрани со леб, овде во пустинава?“ И ги праша: „Колку лебови имате?“ А тие одговорија: „Седум.“ Тогаш му заповеда на народот да поседне по земјата; па, откако ги зеде седумте лебови, заблагодари, ги раскрши и им ги даде на учениците Свои да ги разделат; и тие ги разделија на народот. Имаа и малку риби; ги благослови и заповеда да ги раздадат и нив. И јадеа, и се наситија; и собраа седум кошници останати парчиња. А оние, што јадеа, беа околу четири илјади души. И ги пушти да си одат. И веднаш влезе во кораб со учениците Свои и дојде во пределите Далманутски.
И излегоа фарисеите и почнаа да се препираат со Него, па искушувајќи Го, Му бараа чудесен знак од небото. А Тој воздивна длабоко и рече: „Зошто овој род бара чудесен знак? Вистина ви велам: нема да му се даде чудесен знак на овој род.“ И кога ги остави, пак влезе во коработ и премина на другата страна.
А тие, пак, беа заборавиле да земат леб и во коработ имаа само еден леб. А Тој им заповеда и рече: „Внимавајте, чувајте се од квасот фарисејски и од квасот Иродов!“ И си размислуваа меѓу себе, велејќи: „Тоа е затоа што немаме леб.“ А Исус, кога ги разбра, им рече: „Зошто зборувате за тоа што немате леб? Зар уште не знаете и не разбирате? Уште ли е скаменето вашето срце? Очи имате, не гледате ли? Уши имате, не слушате ли? И не помните ли? Кога ги раскршив петте леба, за пет илјади души, колку полни кошеви со парчиња собравте?“ Му рекоа: „Дванаесет.“ „А седумте – за четири илјади, колку кошници со останати парчиња собравте?“ Тие одговорија: „Седум.“ И им рече: „Па како тогаш не разбирате?“