Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 4:21-34

Марко 4:21-34 MK2006

И им рече: „Зар се внесува светило за да се стави под поклопец или под кревет? Не затоа ли, да се стави на свеќник? Зашто нема ништо тајно, што не ќе стане јавно; ниту пак, нешто сокриено, што нема да излезе на видело. Ако некој има уши да слуша, нека чуе!“ И им велеше: „Внимавајте на она што слушате: со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери, и ќе ви се придода­де. Зашто, кој има, нему ќе му се даде; а кој нема, од него ќе се одземе и она што го има.“ Па рече: „Царството Божјо прилега на човек што фрлил семе в земја, па спие, и станува ноќе и дење; а ка­ко никнува и како расте семето, тој не знае. Зашто земјата сама од себе донесува плод, најнапред стебленце, па клас, а потоа и полно зрно во класот. А кога ќе узрее плодот, веднаш ис­праќа срп, зашто дошло времето за жетва.“ Пак продолжи: „Со што да го спо­редиме царството Божјо или со каква парабола да го прикажеме? Тоа е како синапово зрно, кое, кога се сее в земја, е помало од сите земни семиња; а кога ќе се посее, израснува и ста­нува поголемо од сите грмушки, и пуш­та големи гранки, така што под неговата сенка можат да се засолнуваат пти­ците небески.“ И со многу такви параболи им го проповедаше словото, колку што мо­жеа да слушаат. И без параболи не им говореше, а на учениците Свои насамо сѐ им објаснуваше.