И веднаш, додека Тој сѐ уште говореше, Јуда, еден од дванаесетте, дојде, и со него многу народ со мечеви и со стапови, испратени од првосвештениците, книжниците и старешините. А оној, што Го предаваше, им беше дал знак, велејќи: „Кого ќе Го целивам, Тој е: фатете Го и водете Го претпазливо!“ Па, кога дојде, веднаш се приближи до Него и рече: „Рави!“ И Го целива. А тие ги кладоа рацете свои на Него и Го фатија. Еден, пак, од оние, што стоеја таму, извади нож, го удри слугата на првосвештеникот и му го отсече увото. Исус им одговори и рече: „Зар како на разбојник сте излегле со ножеви и колови, за да Ме фатите? Секој ден бев со вас во храмот и поучував, и не Ме фативте. Но, нека се исполнат Писмата.“ И откако Го оставија, сите се разбегаа. А по Него врвеше еден млад човек, наметнат со платниште на голо тело; и војниците го фатија. Но тој, кога го остави платништето, побегна од нив необлечен.