Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 12:1-44

Марко 12:1-44 MK2006

И почна да им говори во па­раболи: „Еден човек насади лозје и го загради со ограда, па ископа бунар и соѕида кула; и откако им го предаде на лозарите, си отиде. А кога дојде времето, испрати кај лозарите еден слуга, за да го прибере од нив плодот на лозјето. Но тие го фатија слугата, го натепаа и го испратија празен. И пак испрати кај нив друг слуга; и нему, со камења му ја расцепија главата, па го отпуштија посрамен. Испрати и друг; него, пак го убија; и мнозина други, или натепаа, или пак ги убија. Па, бидејќи имаше уште еден син, кој му беше мил, го испрати најпосле него кај нив, велејќи: ‚Ќе се засрамат од сина ми.‘ Но лозарите си рекоа меѓу себе: ‚Овој е наследникот! Ајде да го убиеме и наследството ќе биде наше!‘ И го фатија, го убија и го исфрлија надвор од лозјето. Што ќе направи, пак, господарот на лозјето? Ќе дојде и ќе ги погуби лоза­рите, а лозјето ќе го даде на други. Зар не сте читале во Писмото: ‚Ка­менот, што го отфрлија ѕидарите, стана камен темелник.‘ Од Господ е тоа, и чудесно е во очи­те наши.“ И сакаа да Го фатат, но се уплашија од народот, зашто разбраа дека за нив ја кажа параболата; па Го оставија, и си отидоа. А пратија кај Него некои од фарисе­ите и од Иродовците, за да Го фатат на збор. Тие дојдоа и Му рекоа: „Учителе, знаеме дека си правичен и дека не се плашиш од никого, зашто не гледаш кој е кој, туку вистински поучуваш за патот Божји. Треба ли да му се дава данок на царот или не? Да даваме ли, или да не даваме?“ А Тој, знаејќи ја нивната лицемерност, им рече: „Зошто ме искушувате? Донесете ми еден денариј да го видам!“ И тие донесоа. Па им рече: „Чиј е овој лик и натпис?“ Му рекоа: „На ца­рот.“ Тогаш Исус им одговори и рече: „Давајте му го царевото на царот, а Божјото на Бога!“ И тие Му се чудеа. Дојдоа кај Него и садукеите, кои ве­лат дека нема воскресение, па Го пра­шаа, говорејќи: „Учителе, Мојсеј ни напиша: ‚Ако некому умре братот и остави жена, а де­ца не остави, тогаш брат му нека ја земе жената негова и нека го подигне потомството на својот брат.‘ Беа седуммина браќа: првиот зеде жена и кога умре, не остави пород. Неа ја зеде вториот брат, и умре, но и тој не остави пород; исто така и третиот. Ја зедоа сите седуммина, и не ос­та­вија пород. По нив умре и жената. При воскресението, кога ќе вос­креснат, на кого од нив таа ќе биде же­на? Зашто седуммина ја имаа како же­на.“ А Исус им одговори и рече: „Зар не се лажете, бидејќи не ги познавате ни Писмата, ниту силата Божја? Зашто, кога ќе воскреснат од мрт­вите, ниту ќе се женат, ниту ќе се ма­жат, туку се како ангели на небесата. А за мртвите, дека ќе воскреснат, не сте ли читале во книгата на Мојсеј, како му рече Бог кај капината: ‚Јас сум Бог Авраамов, и Бог Исаков, и Бог Ја­ковов‘? Но Тој не е Бог на мртвите, туку Бог на живите. Вие, пак, многу се ла­же­те!“ Тогаш пристапи еден од книж­ни­ци­те, кој ги слушаше како се препираат и увиде дека Исус им одговараше добро, па Го запраша: „Која е прва од сите заповеди?“ А Исус му одговори: „Најважна од сите заповеди е: ‚Чуј Израеле! Господ, Бог наш, е еден Господ. Затоа, возљуби Го Господа, твојот Бог, со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум, и со сета своја сила!‘ Ова е најважната заповед. А втората е слична на неа: ‚Воз­љуби го својот ближен како себеси!‘ Друга заповед, поголема од овие, нема.“ Книжникот Му рече: „Добро, Учи­теле. Право кажа дека Бог е еден, и де­ка нема друг, освен Него; и дека, да Го љубиш со сето срце, и со сиот разум, и со сета своја душа, и со сета сила, и да го љубиш ближниот свој како себеси е повеќе од сите прилози и жртви.“ Исус, пак, кога виде дека умно од­говори, му рече: „Не си далеку од царството Божјо.“ Потоа никој веќе не се осмелуваше да Го прашува. И кога одговараше Исус, поу­чу­вај­ќи во храмот, рече: „Како тоа книжни­ците велат дека Христос е син Давидов, кога самиот Давид кажа преку Све­тиот Дух: ‚Му рече Господ на мојот Господ: седи од Мојата десна страна, додека не ги положам Твоите неприја­тели за подножје на нозете Твои!‘ И така, сам Давид Го нарече Гос­под; од каде тогаш да Му е Тој син?“ И многу народ Го слушаше со задовол­ство. И им рече потоа во Својата поука: „Чувајте се од книжниците, кои сакаат да одат во долги облеки и да ги поздра­вуваат по улиците, и заземаат предни седишта во синагогите, како и први места на гозбите. Тие, што ги подјадуваат домовите на вдовиците и лицемерно долго се мо­лат, ќе бидат потешко осудени.“ Па седна Исус спроти ковчежето и гледаше како народот пушта пари во него. Мнозина богати пуштаа многу. И кога дојде една бедна вдовица, пушти две лепти, што изнесува еден кодрант. А Исус, кога ги повика учениците Свои, им рече: „Вистина ви велам дека оваа сиромашна вдовица даде повеќе од сите, што пуштија во касата на храмот; зашто сите пуштија од својот ви­шок, а таа од својата сиромаштија даде сѐ што имаше, целиот свој имот.“