Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Марко 10:35-52

Марко 10:35-52 MK2006

Тогаш пристапија кон Него За­ве­де­евите синови, Јаков и Јован и рекоа: „Учителе, сакаме да ни го исполниш она, што ќе го побараме.“ Тој ги праша: „Што сакате да сто­рам за вас?“ А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а дру­ги­от одлево, во славата Твоја.“ Но Тој им рече: „Не знаете што ба­рате! Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крш­тавањето, со кое се крштавам Јас?“ Тие одговорија: „Можеме.“ А Исус им рече: „Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите; но, да дозволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Ме­не; тоа е за оние, за кои е приготвено.“ Десетте, пак, штом го чуја тоа, не­годуваа против Јаков и Јован. Исус, кога ги повика, им рече: „Зна­е­те дека оние, што се сметаат за народни кнезови, господарат над нив, и управниците управуваат над нив. Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга; и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите. Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да го да­де животот Свој за откуп на мнозина.“ Потоа пристигнаа во Ерихон. И ко­га излегуваше Исус од Ерихон со уче­ниците Свои и со многу народ, Ти­ме­е­виот син, Вартимеј, кој беше слеп, се­деше покрај патот и просеше. Па, кога чу дека е тоа Исус од На­зарет, почна да вика и да вели: „Исусе, сине Давидов, смилувај ми се!“ И мнозина му велеа да молчи, но тој уште повеќе викаше: „Сине Да­ви­дов, смилувај ми се!“ Исус застана и рече да го викнат. И го повикаа слепиот, говорејќи му: „Не плаши се, стани, те вика!“ Тој, кога ја фрли горната облека, стана и отиде кај Исус. А Исус, одговарајќи му, го за­пра­ша: „Што сакаш да сторам за тебе?“ Слепиот Му рече: „Да прогледам, Учи­теле!“ Исус му рече: „Оди си, верата твоја те спаси!“ И тој веднаш прогледа, па тргна патем по Исус.