И донесуваа кај Него деца, за да се допре до нив, но учениците им забрануваа (на оние што ги носеа). И кога го виде тоа Исус, негодуваше и рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене и не пречете им, зашто на такви е царството Божјо. Вистина ви велам, кој не го прима царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него.“ Прегрнувајќи ги, ги положи рацете врз нив и ги благословуваше.
А кога излегуваше на пат, дотрча некој, падна на колена пред Него и Го праша: „Учителе добар, што треба да направам, за да наследам живот вечен?“ Исус му рече: „Зошто ме нарекуваш добар? Никој не е добар, освен единиот Бог! Заповедите ги знаеш: не прељубодејствувај; не кради; не сведочи лажно; не навредувај; почитувај ги татка си и мајка си.“ А тој Му одговори и рече: „Учителе, сето тоа сум го запазил уште од младоста своја.“ Кога го погледна Исус, му омиле, па рече: „Уште една работа ти недостасува: оди и продај сѐ што имаш, раздај го на сиромаси и ќе имаш богатство на небото; па дојди и врви по Мене.“ Кога ги чу овие зборови, тој се изненади и си отиде нажален, зашто имаше големо богатство. И кога погледа Исус, им рече на учениците Свои: „Колку е тешко за богатите да влезат во царството Божјо!“ А учениците се уплашија од зборовите Негови. Но Исус пак им одговори и рече: „Чеда, колку им е тешко на оние, што се надеваат на богатството, да влезат во царството Божјо! Полесно камила ќе влезе низ иглени уши, отколку богат човек во царството Божјо.“ А тие се чудеа многу и си велеа меѓу себе: „Тогаш, кој може да се спаси?“ Кога ги погледа Исус, им рече: „За луѓето тоа не е можно, но не и за Бога; зашто за Бога сѐ е можно!“ И Петар почна да Му говори: „Ете, ние оставивме сѐ и по Тебе одиме.“ А Исус одговори и рече: „Вистина ви велам: нема таков што оставил куќа, или браќа, или сестри, или татко, или мајка, или жена, или деца, или имот, заради Мене и Евангелието, а да не примил, и тоа сега, во ова време, стопати повеќе од куќи, и браќа, и сестри, и татко, и мајка, и деца, и нивје, а во идниот век – и живот вечен. И мнозина први ќе бидат последни, а последните – први.“