И одеднаш се разнесе глас за Него по целиот Галилејски крај.
Штом излегоа од синагогата, дојдоа со Јаков и Јован во куќата на Симон и Андреј. А тештата на Симон лежеше од треска; и веднаш Му јавија за неа. Тој пристапи, ја фати за рака и ја подигна; и треската веднаш ја остави; и таа стана и ги служеше.
А приквечер, кога заоѓаше сонцето, кај Него донесуваа секакви болни и бесомачни. И целиот град се беше собрал пред портата. И излекува мнозина што страдаа од разни болести; истера многу демони и не им дозволуваше на демоните да зборуваат, зашто Го знаеја.
А утредента, во темни зори, стана, излезе и отиде на пусто место и таму се молеше. А Симон, и оние што беа со Него, тргнаа да Го бараат; па, кога Го најдоа, Му рекоа: „Сите Те бараат!“ А Тој им рече: „Да појдеме до блиските села и градови, и таму да проповедам, зашто затоа сум дошол.“ И проповедаше во нивните синагоги.
И дојде кај Него еден лепрозен, па, молејќи Го, падна пред Него и Му рече: „Ако сакаш, можеш да ме очистиш.“ Смилувајќи се, Исус протегна рака, се допре до него и му рече: „Сакам! Очисти се!“ И штом го рече тоа, се изгуби лепрата од него, и тој стана чист; откако му заповеда, го отпушти, и му рече: „Гледај, никому ништо да не кажуваш; но оди, покажи му се на свештеникот и принеси дар за очистување, како што заповедал Мојсеј – ним за сведоштво.“ А тој, штом излезе, почна да раскажува многу и да разгласува, така што Исус не можеше јавно да влезе во градот, а се задржуваше надвор, во осамени места. И доаѓаа кај Него отсекаде.