А кога Исус чу дека Јован е предаден, отиде во Галилеја. И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум, на морскиот брег, во пределите Завулонови и Нефталимови, за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели: „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина.“ Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“
И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето бидејќи беа рибари. И им рече: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“ И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. Потоа, одејќи понатаму виде други двајца браќа: Јаков Заведеев и брат му Јован, во кораб со Заведеј, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и нив ги повика. И тие веднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него.
И одеше Исус по цела Галилеја поучувајќи по синагогите, проповедајќи го Евангелието на Царството и лекувајќи секаква болест и немоќ кај народот. Па се разнесе глас за Него по цела Сирија и ги доведуваа кај Него сите болни, нападнати од различни болести и страдања, опседнати од демони, месечари, фатени, а Тој ги оздравуваше. И по Него одеше многу народ од Галилеја, Десеттоградието, Ерусалим и Јудеја, отаде Јордан.