Матеј 4:1-22
Матеј 4:1-22 MK2006
Тогаш Духот Го одведе Исус во пустината за да биде искушуван од ѓаволот. И откако постеше четириесет дни и четириесет ноќи, најпосле огладне. А кога се приближи до Него, искушувачот Му рече: „Ако си Син Божји, заповедај овие камења да станат лебови.“ А Тој му одговори и рече: „Напишано е – ‚Човек не живее само од леб, туку и од секој збор што излегува од устата на Бога.‘“ Тогаш ѓаволот Го одведе во Светиот град и Го постави на стреата од храмот и Му рече: „Ако си Син Божји, скокни долу, зашто напишано е: ‚На ангелите Свои ќе им заповеда за Тебе да Те запазат и на раце ќе Те земат за да не Си ја сопнеш ногата од камен.‘“ А Исус му рече: „Напишано е исто така – ‚Не искушувај Го Господ, Твојот Бог.‘“ Потоа ѓаволот Го одведе на многу висока планина и Му ги покажа сите царства на светот и нивната слава и Му рече: „Сето ова ќе Ти го дадам, ако паднеш и ми се поклониш.“ Но, Исус му рече: „Бегај од Мене, сатано, зашто е напишано: ‚На Господ, Твојот Бог, да Му се поклонуваш и само Нему да Му служиш!‘“ Тогаш ѓаволот Го остави и веднаш дојдоа ангели и Му служеа. А кога Исус чу дека Јован е предаден, отиде во Галилеја. И кога го остави Назарет, дојде и се насели во Капернаум, на морскиот брег, во пределите Завулонови и Нефталимови, за да се исполни реченото преку пророкот Исаија, кој вели: „Земјата Завулонова и земјата Нефталимова, на пат кон морето, отаде Јордан, е незнабожечка Галилеја. Народот, што седеше во мрак, виде голема светлина и на оние, што седеа во пределот на смртна сенка, им изгреа светлина.“ Оттогаш Исус почна да проповеда и да говори: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно!“ И одејќи покрај Галилејското Море, ги виде двајцата браќа, Симон, наречен Петар, и брат му Андреј, како фрлаат мрежа во морето бидејќи беа рибари. И им рече: „Појдете по Мене и Јас ќе ве направам ловци на луѓе.“ И ете, тие веднаш ги оставија мрежите и тргнаа по Него. Потоа, одејќи понатаму виде други двајца браќа: Јаков Заведеев и брат му Јован, во кораб со Заведеј, таткото нивни, кои си ги крпеа мрежите свои, и нив ги повика. И тие веднаш го оставија коработ и татка си и тргнаа по Него.

