Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 27:32-66

Матеј 27:32-66 MK2006

На излегување сретнаа еден Ки­ри­неец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“ Тогаш распнаа со Него и двајца раз­бојници; едниот од десната страна, а другиот од левата. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Се­бе­си! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“ Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Ју­деј­ски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го из­ба­ви сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“ И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие. Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спа­си!“ А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи паднаа. И гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па кога излегоа од гробовите, по воскреснувањето Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина. А стотникот и оние што со него за­едно Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уп­лашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“ Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови. А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исус; тој отиде кај Пилат и го побара те­лото Исусово. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото. А Јосиф, штом го зеде телото, Го завитка во чисто платно, и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, от­како постави голем камен над гробната врата, си отиде. А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот. На другиот ден, по петокот, се соб­раа првосвештениците и фарисеите кај Пилат, и му рекоа: „Господаре, се сетивме дека Оној измамник, уште дури беше жив, рече: ‚По три дни ќе воскреснам!‘ Затоа нареди да се причува гробот до третиот ден, за да не отидат учени­ците Негови ноќе и да Го украдат, па да му речат на народот: ‚Воскресна од мртвите!‘ Та последната измама ќе биде полоша од првата.“ Пилат им рече: „Имате стража; одете и осигурајте го како што знаете.“ Тие отидоа и со стража го осигураа гробот, а каменот го запечатија.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност