Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 27:1-61

Матеј 27:1-61 MK2006

А кога се раздени, сите првосвештеници и старешини напра­ви­ја договор против Исус за да Го убијат; и откако Го врзаа, Го одведоа и Го предадоа на управникот Понтиј Пилат. Тогаш Јуда, што Го предаде, кога виде дека е Тој осуден, се покаја и им ги врати триесетте сребреници на прво­свештениците и старешините, велејќи им: „Згрешив, зашто пре­да­дов невина крв!“ А тие му одговорија: „Што ни е грижа нам за тоа? Мисли му ти!“ Тој ги фрли сребрениците во хра­мот, излезе и отиде, та се обеси. Првосвештениците ги собраа сре­бре­ниците и рекоа: „Не чини да се стават во црковната каса, бидејќи се пла­те­ни за крв.“ Откако се советуваа, ја купија со нив грнчаревата нива, за да погребуваат во неа луѓе од други места. Затоа и до денес таа нива се вика Крвна нива. Тогаш се исполни реченото преку пророкот Еремија: „И ги зедоа три­е­сет­те сребреници, цената на Непроцен­ли­виот, Кого Го оценија синовите Израе­л­ови, и ги дадоа за грнчаревата нива, како што ми кажа Господ.“ И Исус застана пред управникот. И тој Го праша, велејќи: „Ти ли си Царот Јудејски?“ Исус му одговори: „Ти ве­лиш.“ И кога Го обвинуваа прво­свеш­те­ни­ци­те и старешините, Тој ништо не одговараше. Тогаш Пилат Му рече: „Не слушаш ли колку сведочат против Тебе?“ И не му одговори ниту на еден збор, така што управникот се чудеше многу. А на секој празник Пасха управ­ни­кот имаше обичај да му пушта на народот по еден затвореник, кого што би го побарале. Тогаш тие имаа еден прочуен зат­вореник, по име Варава. И кога се собраа, Пилат им рече: „Кого сакате да ви го пуштам: Варава ли, или Исус, наречен Христос?“ Зашто знаеше дека Го беа предале од завист. Во тоа време, кога тој седеше во су­дот, жена му порача да му кажат: „Не прави му ништо на Тој Праведник, заш­то денеска многу пострадав на сон заради Него.“ Но првосвештениците и ста­ре­ши­ни­те го наговорија народот да го из­мо­ли Варава, а Исус да Го погуби. Тогаш управникот ги праша: „Кого од двајцата сакате да ви го пуштам?“ Тие одговорија: „Варава!“ Пилат им рече: „А што да правам со Исус, наречен Христос?“ Му одгово­рија сите: „Да биде распнат!“ Управникот рече: „Па какво зло на­правил?“ Но тие уште посилно викаа и рекоа: „Да биде распнат!“ Пилат, штом виде дека ништо не помага, а буната се зголемува, зеде во­да, ги изми рацете пред народот и рече: „Невин сум за крвта на Овој Правед­ник; мислете му вие!“ И одговарајќи целиот народ, рече: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца!“ Тогаш им го пушти Варава, а Исус, откако Го камшикуваа, Го предаде да биде распнат. Потоа војниците на управникот Го зедоа Исус во судницата и ја собраа целата чета околу Него, па, откако Го соблекоа, Му облекоа ба­греница; исплетоа трнов венец, Му Го кладоа на главата и Му дадоа во десната рака трска; и паѓајќи на колена, Му се потсмеваа и велеа: „Те поздравуваме, Царе Јудејски!“ И плукаа на Него и со трската Го удираа по главата. А кога Го исмеаја, Му ја соблекоа багреницата, Му ги облекоа Неговите алишта и Го поведоа на распнување. На излегување сретнаа еден Ки­ри­неец, по име Симон; него го натераа да Му го носи крстот. И кога дојдоа на местото наречено Голгота, што значи Черепница, Му дадоа да пие оцет, измешан со жолчка. Но Тој вкуси и не сакаше да пие. А штом Го распнаа, ги разделија алиштата Негови, фрлајќи ждрепка; па седеа таму и Го чуваа; и Му кладоа над главата натпис, со вината Негова: „Овој е Исус, Царот Јудејски.“ Тогаш распнаа со Него и двајца раз­бојници; едниот од десната страна, а другиот од левата. А минувачите, вртејќи ги главите свои, Го хулеа и велеа: „Ти, што го уриваш храмот и за три дни го соѕидуваш, спаси се Се­бе­си! Ако си Син Божји, симни се од крстот!“ Исто така и првосвештениците, заедно со книжниците, старешините, и фарисеите, потсмевајќи се говореа: „Други спасуваше, а Сам Себе не може да се спаси! Ако е Тој Цар Ју­деј­ски, нека слезе од крстот, па ќе поверуваме во Него. Се надеваше на Бога, нека Го из­ба­ви сега, ако е по волјата Негова, бидејќи говореше: ‚Син Божји Сум!‘“ И разбојниците, распнати со Него, Го хулеа исто така. А од шестиот час настана темнина по целата земја, до деветтиот час; а околу деветтиот час извика Исус со висок глас и рече: „Или! Или! Лама савахтани?“ А тоа значи: „Боже Мој, Боже Мој, зошто Ме остави!“ А некои од оние што стоеја таму, кога го чуја тоа, рекоа: „Овој го вика Илија!“ И веднаш еден од нив отрча, зеде сунѓер, го натопи во оцет и го надена на трска, па Му даваше да пие. Другите, пак, велеа: „Чекајте, да видиме, дали ќе дојде Илија да Го спа­си!“ А Исус, откако повторно извика со силен глас, го испушти духот. И наеднаш се расцепи завесата на храмот на две – од горе до долу; и земјата се затресе; и карпи паднаа. И гробови се отворија; и многу тела на упокоени светии воскреснаа; па кога излегоа од гробовите, по воскреснувањето Негово, влегоа во светиот град и им се јавија на мнозина. А стотникот и оние што со него за­едно Го чуваа Исус, откако го видоа земјотресот и сѐ друго што стана, се уп­лашија многу и говореа: „Навистина Овој беше Син Божји!“ Таму беа и гледаа оддалеку, исто така, многу жени, што Го следеа Исус од Галилеја и Му служеа. Меѓу нив беа Марија Магдалена и Марија, мајка им на Јаков и Јосиф, и мајката на Заведеевите синови. А кога се стемни, дојде еден богат човек од Ариматеја, по име Јосиф, кој Му беше, исто така, ученик на Исус; тој отиде кај Пилат и го побара те­лото Исусово. Тогаш Пилат нареди да му го дадат телото. А Јосиф, штом го зеде телото, Го завитка во чисто платно, и Го положи во својот нов гроб, што го беше издлабил во карпа; па, от­како постави голем камен над гробната врата, си отиде. А таму беа Марија Магдалена и другата Марија, кои седеа спроти гробот.

YouVersion користи колачиња за да го персонализира вашето искуство. Со користење на нашата веб-страница, ја прифаќате употребата на колачиња како што е опишано во нашата Политика за приватност