Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 26:1-30

Матеј 26:1-30 MK2006

И кога ги заврши Исус овие зборови, им рече на учениците Свои: „Знаете дека по два дни ќе биде Пасха и Синот Човечки ќе биде пре­да­ден на распнување.“ Тогаш првосвештениците, книж­ни­ците и старешините народни се собраа во дворот на првосвештеникот, по име Кајафа, и се советуваа како да Го фатат Исус со измама и да Го убијат; но рекоа: „Само не на празникот, за да не стане бунт меѓу народот.“ А кога беше Исус во Витанија, во куќата на Симон Лепрозниот, се приближи до Него една жена, ко­ја носеше шише со скапоцен мирис и го изли врз главата Негова, кога Тој седе­ше на трпезата. И кога го видоа тоа учениците Не­го­ви, се расрдија и рекоа: „Какво е тоа рас­турање? Зашто тој мирис можеше да се продаде многу скапо и парите да се разделат на сиромаси.“ Но Исус, разбирајќи го тоа, им ре­че: „Зошто ја буните жената? Таа на­прави добро дело за Мене! Бидејќи сиромасите ги имате секогаш покрај себе, а Мене Ме немате се­когаш; таа, излевајќи го тој мирис врз те­лото Мое, Ме приготви за погреб. Вистина, ви велам: каде и да биде проповедано ова Евангелие, по цел свет ќе се прикажува тоа што го направи таа, за нејзин спомен.“ Тогаш еден од дванаесетте, по има Јуда Искариот, отиде кај првосвеш­те­ниците и рече: „Што ќе ми дадете, па да ви Го предадам?“ А тие му предложија триесет сребреници. И оттогаш тој бараше погодно вре­ме да Го предаде. А во првиот ден на празникот Бес­квасници пристапија кон Исус уче­ни­ци­те и Му рекоа: „Каде сакаш да ти при­гот­виме да јадеш Пасха?“ Тој им рече: „Одете в град кај тој и тој човек и кажете му: ‚Учителот вели: времето Ми наближи, кај тебе ќе ја про­славам Пасхата со учениците Свои.‘“ Учениците постапија како што им заповеда Исус и ја приготвија Пасхата. Кога се стемни, Тој седна на трпе­зата со дванаесетте. И кога јадеа, им рече: „Вистина ви велам: еден од вас ќе Ме предаде.“ Тие многу се нажалија и секој од нив почна да Го прашува: „Да не сум јас, Господи?“ А Тој им одговори и рече: „Оној што макна со Мене од чинијата, тој ќе Ме предаде. Синот, пак, Човечки, вистина си оди, како што е напишано за Него; но тешко му на оној човек преку кого Си­нот Човечки ќе биде предаден; подобро ќе беше за тој човек да не се беше ро­дил.“ А Јуда, што Го предаде, одговори и рече: „Да не сум јас, Рави?“ Му одгово­ри: „Ти рече.“ И кога јадеа, Исус зеде леб, го бла­гослови, го прекрши, и откако им го да­де на учениците, рече: „Земете, јадете, ова е Моето тело.“ И кога ја зеде чашата, заблагодари, им даде и рече: „Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв на Новиот завет, која се пролева за мнозина, за простување на гревовите. И вам ви велам, зашто отсега нема да пијам од овој лозов плод сѐ до оној ден, кога ќе пијам нов со вас, во цар­ството на Мојот Отец.“ И откако испеаја благодарствена песна, се искачија на Маслиновата Го­ра.