Лого на YouVersion
Икона за пребарување

Матеј 25:14-46

Матеј 25:14-46 MK2006

„Зашто, Тој ќе постапи како чо­ве­кот, кој тргнувајќи на пат, ги повика слугите свои и им го предаде својот имот; и на едниот му даде пет таланти, на другиот два, на третиот еден, секому според способноста негова; и веднаш замина. Оној што зеде пет таланти, отиде, ги употреби во работа и спечали други пет таланти; и исто така и оној што зеде два та­ланта, спечали други два; а оној, што доби еден талант, отиде и го закопа в земја и така ги сокри па­ри­те на својот господар. По долго време дојде господарот на тие слуги и побара да му поднесат сметка. И кога пристапи оној што беше примил пет таланти, донесе уште други пет и рече: ‚Господаре, ти ми предаде пет таланти; ете, сум спечалил уште пет.‘ Господарот му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; сподели ја ра­доста со својот господар!‘ Дојде, исто така, и оној што беше примил два таланта и рече: ‚Господаре, ти ми предаде два таланта, ете, со нив спечалив уште два.‘ Господарот му рече: ‚Убаво, добар и верен слуго! Во малку беше верен, над многу ќе те поставам; сподели ја ра­доста со својот господар!‘ Пристигна и оној што беше зел еден талант и рече: ‚Господаре, те знаев дека си жесток човек: жнееш каде што не си сеел, и собираш каде што не си ве­ел, па се уплашив и отидов, и го сокрив твојот талант в земја; ете ти го твоето.‘ А господарот му одговори и рече: ‚Зол и мрзлив слуго! Ако си знаел дека жнеам, каде што не сум сеел, и собирам каде што не сум садел, требаше моите пари да им ги дадеш на трговците, па кога ќе дојдам да си го приберам своето со добивка; земете го од него талантот и дајте му го на оној што има десет таланти; зашто секому, што има, ќе му се да­де и преумножи, а од оној, што нема, ќе му се одземе и она што го има; а лошиот слуга фрлете го во крајна темнина: таму ќе биде плач и крцкање со заби.‘“ (Откако го рече тоа, извика: „Кој има уши да слуша, нека чуе.“) „А кога ќе дојде Синот Човечки во Својата слава и сите свети ангели со Него, тогаш ќе седне на престолот на славата Своја, и ќе се соберат пред Него сите народи, па ќе ги оддели едни од други, како што ги одделува овците од козите; и ќе ги постави овците од Својата десна страна, а козите од левата. Тогаш Царот ќе им каже на оние што Му се од десната страна: ‚Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од по­четокот на светот; зашто, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, стра­нец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; бо­лен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте кај Мене.‘ Тогаш праведниците ќе Му одговорат и речат: ‚Господи, кога Те видовме гладен и Те нахранивме, или жеден и Те напоивме? Кога те видовме странец и Те прибравме, или необлечен и Те облековме? Кога Те видовме болен, или во зат­вор и Те посетивме?‘ А Царот ќе им одговори и ќе рече: ‚Вистина, ви велам: доколку сте го на­правиле тоа за еден од овие Мои најма­ли браќа, за Мене сте го направиле.‘ Тогаш ќе им каже и на оние што се од левата страна: ‚Бегајте од Мене, проклети, во вечен оган, приготвен за ѓаволот и за неговите ангели! Зашто, гладен бев и не Ми дадовте да јадам; жеден бев и не Ме напоивте; странец бев и не Ме прибравте; не­облечен бев и не Ме облековте; болен и во затвор бев и не Ме посетивте.‘ Тогаш и тие ќе Му одговорат и ре­чат: ‚Господи, кога Те видовме гладен, или жеден, или странец, или необлечен, или болен, или во затвор – не Ти пос­лу­живме?‘ Тогаш ќе им одговори и рече: ‚До­колку не сте го направиле тоа за еден од овие најмали браќа ни за Мене не сте го направиле.‘ И тие ќе отидат во вечна мака, а праведниците – во живот вечен.“