Тогаш пристапија кон Исус ерусалимските книжници и фарисеи, велејќи: „Зошто учениците Твои не го запазуваат преданието на старите? Зошто не си ги мијат рацете кога јадат леб?“ А Тој им одговори и рече: „Па зошто и вие ја престапувате Божјата заповед заради вашето предание? Зашто Бог заповедал и рекол: ‚Почитувај ги татко си и мајка си‘, и ‚кој говори лошо против таткото свој или мајка си, со смрт да се казни‘. А вие велите: ‚Ако некој му рече на татка си или на мајка си: она, со што би можел да се ползуваш од мене, е ветено за Господ‘, тогаш тој може да не го почитува својот татко или својата мајка! Така ја нарушивте заповедта Божја заради вашето предание! Лицемери, добро пророкувал за вас Исаија, велејќи: ‚Овој народ се приближува до Мене со устата своја и со усните Ме почитува, а срцето негово стои далеку од Мене; но напразно Ме почитува, зашто проповеда човечки повелби.‘“
И како ги повика луѓето, им рече: „Слушајте и разберете! Не го осквернува човекот она што влегува во устата, туку она што излегува од устата, тоа го осквернува човекот.“ Тогаш Неговите ученици Му се приближија и рекоа: „Знаеш ли дека фарисеите, штом го чуја тој збор, се соблазнија?“ А Тој, одговарајќи им, рече: „Секоја садница, што не ја насадил Мојот Отец небесен, ќе се искорне; оставете ги: тие се слепи водачи на слепи: а кога слеп води слеп, обата ќе паднат во јама.“ Петар, пак, Му одговори и рече: „Објасни ни ја оваа парабола.“ А Исус им рече: „Ама вие, уште ли не сфаќате? Уште ли не разбирате дека сѐ што влегува во устата, минува преку стомакот и се исфрлува надвор? А она што излегува од устата, иде од срцето и тоа го осквернува човекот; зашто од срцето излегуваат лоши помисли, убиства, прељубодејства, блудства, кражби, лажни сведоштва, хули; тоа го осквернува човекот. А јадењето со неизмиени раце не го осквернува човекот.“
И кога излезе оттаму Исус, замина во земјата Тирска и Сидонска. И ете, една жена Хананејка, излезе од оние краишта, повика кон Него, велејќи: „Смилувај ми се, Господи, Сине Давидов! Ќерка ми жестоко ја мачи демон.“ Но Тој не ѝ одговори ниту збор. И пристапувајќи до Него, учениците Негови Го молеа и велеа: „Отпушти ја, зашто вика по нас.“ А Тој одговори и рече: „Јас сум пратен само кај загубените овци на домот израелски.“ Но таа, кога пристапи, Му се поклони и велеше: „Господи, помогни ми!“ Тој, одговарајќи ѝ рече: „Не е добро да се земе лебот од децата и да се фрли на кучињата.“ Но таа Му рече: „Да, Господи, но и кучињата јадат од трошките што паѓаат од трпезата на нивните господари.“ Тогаш Исус одговори и рече: „О, жено, голема е твојата вера; нека ти биде по желбата твоја!“ И во тој час оздраве ќерката нејзина.
Штом замина оттаму, Исус дојде кај Галилејското Море, се искачи на гората и седна таму. И дојде кај Него многу народ, кој имаше со себе куци, слепи, неми, фатени и многу други, и ги положија пред нозете на Исус, и Тој ги исцели, така што народот се восхитуваше гледајќи како неми зборуваат, фатени оздравуваат, куци се движат и слепи прогледуваат и Го прославуваше Бога Израелов.