„Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива.“
„Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“
„Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби; и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“
И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му одговорија: „Да, Господи!“ А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.“
И, откако ги кажа Исус овие параболи, си замина оттаму. А штом дојде во Својот роден крај, го поучуваше народот во синагогите нивни. И сите се чудеа и велеа: „Од каде кај Него ваква мудрост и моќ? Нели е Овој син на дрводелецот? Мајка Му нели се вика Марија, и браќата Негови – Јаков и Јосија, Симон и Јуда? И сестрите Негови не се ли сите меѓу нас? Од каде, пак, сето тоа кај Него?“ И се соблазнија заради Него. А Исус им рече: „Нема пророк без чест, освен во земјата негова и во домот негов.“ И не направи таму многу чуда поради нивното неверие.