И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива. Но, додека спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘ А тој им рече: ‚Непријателот го направи тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘ Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а, житото приберете го во мојата житница.‘“
И друга парабола им кажа, кога рече: „Царството небесно прилега на синапово зрно, кое човек го зел и го посеал на нивата своја. Тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите грмушки, па станува дури и дрво, така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.“
И друга парабола им кажа: „Царството небесно прилега на квасец, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.“
Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо; за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: „Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот.“
Тогаш Исус го остави народот и влезе во една куќа. А учениците се приближија до Него и Му рекоа: „Протолкувај ни ја параболата за каколот на нивата!“ А Тој им одговори и рече: „Сејачот на доброто семе е Синот Човечки. Нивата е овој свет; доброто семе – тоа се синовите на царството, а каколот – синовите на лукавиот. Непријателот, пак, што го посеа, е ѓаволот; жетвата е крајот на светот, а жетварите се ангелите. И така, како што се собира плевата и се гори во оган, така ќе биде и при крајот на овој свет. Ќе испрати Синот Човечки Свои ангели и ќе ги соберат сите причинители на гревот од Неговото царство, и оние што вршат незаконски дела, и ќе ги фрлат во вжарена печка; таму ќе има плач и крцкање со заби. Тогаш праведниците ќе заблескаат како сонце во царството на нивниот Отец. Кој има уши да слуша, нека чуе!“
„Царството небесно прилега уште и на богатство сокриено во нива, кое го нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сѐ што имал, и ја купил таа нива.“
„Царството небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува.“
„Царството небесно прилега, исто така, и на мрежа, која се фрла во морето и уловува секакви риби; и кога ќе се наполни, ја извлекуваат на брегот и седнуваат, па добрите риби ги собираат во садови, а лошите ги фрлаат. Така ќе биде и при крајот на светот: ќе излезат ангелите и ќе ги одделат лошите од праведните, и ќе ги фрлат во вжарена печка: таму ќе има плач и крцкање со заби.“
И ги праша Исус: „Дали го разбравте сето ова?“ Тие Му одговорија: „Да, Господи!“ А Тој им рече: „Затоа секој книжник, кој се научил за царството небесно, прилега на домаќин што изнесува од своето сокровиште ново и старо.“