Матеј 13:18-35
Матеј 13:18-35 MK2006
„Вие, пак, чујте ја параболата за сејачот. Кај секого, што го слуша словото за царството и не го разбира, доаѓа лукавиот и го граба посеаното во срцето негово; ете, тоа означува посеаното покрај патот. А посеаното на камен е оној што го слуша словото и веднаш со радост го прима; но нема во себе корен и е непостојан: дојдат ли неволји или гонење заради словото, веднаш отстапува. Посеаното, пак, во трње е оној што го слуша словото, но грижите од овој свет и примамливото богатство го задушуваат словото и тоа останува без род. А посеаното на добра земја е оној што го слуша словото и го разбира, и дава плод: еден сто, друг шеесет, а трет триесет.“ И друга парабола им кажа, велејќи: „Царството небесно прилега на човек што посеал добро семе на својата нива. Но, додека спиеја луѓето, дојде неговиот непријател и посеја меѓу житото какол, па си отиде. А кога израсна растението и донесе плод, тогаш се појави и каколот. И кога дојдоа слугите на стопанот, му рекоа: ‚Господаре, нели добро семе посеа на нивата своја? Од каде сега, пак, овој какол во неа?‘ А тој им рече: ‚Непријателот го направи тоа!‘ Слугите, пак, му рекоа: ‚Сакаш ли да одиме и да го исплевиме?‘ Но тој им рече: ‚Не, да не би, корнејќи го каколот, да искорнете заедно со него и жито; оставете нека расте и едното и другото, до жетвата; а по жетвата ќе им кажам на жетварите: соберете го најнапред каколот и врзете го во снопови, за да се изгори; а, житото приберете го во мојата житница.‘“ И друга парабола им кажа, кога рече: „Царството небесно прилега на синапово зрно, кое човек го зел и го посеал на нивата своја. Тоа е најмало од сите семиња, но кога ќе израсне, поголемо е од сите грмушки, па станува дури и дрво, така што птиците небески долетуваат и застануваат на неговите гранки.“ И друга парабола им кажа: „Царството небесно прилега на квасец, што го зема жена и го клава во три мери брашно, дури не скисне сето.“ Сето ова му го зборуваше Исус на народот во параболи и без параболи не им говореше ништо; за да се исполни реченото преку пророкот кој вели: „Со параболи ќе ја отворам устата Своја; ќе ги искажам тајните од создавањето на светот.“

