А Јован, штом чу во затворот за Христовите дела, испрати двајца свои ученици и му рече: „Ти ли си Оној што треба да дојде или да чекаме друг?“ Исус им одговори и рече: „Одете и кажете му на Јован што слушате и што гледате: слепи прогледуваат и сакати проодуваат; лепрозни се очистуваат и глуви прослушуваат; мртви воскреснуваат и на бедните им се проповеда Евангелието. И блажен е оној што не се соблазнува поради Мене.“ А кога си отидоа овие, Исус почна да му зборува на народот за Јован: „Што сте излегле да видите во пустината? Трска ли, што се лулее од ветрот? Но, што излеговте да видите? Човек ли, облечен во меки алишта? Ете, оние што носат меки алишта, по царски палати се. Па, што излеговте да видите? Пророк ли? Да, ви велам, и повеќе од пророк! Зашто тој е оној за кого е напишано: ‚Ете, Јас го праќам Мојот ангел пред лицето Твое; тој ќе го приготви патот Твој пред Тебе.‘ Вистина ви велам: меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јован Крстител, но најмалиот во царството небесно е поголем од него! А од деновите на Јован Крстител па до сега, царството небесно насила се зема и силните го грабаат, зашто сите Пророци и Законот пророкуваа до доаѓањето на Јован. И, ако сте подготвени да го прифатите, тој е Илија, кој треба да дојде. Кој има уши да слуша, нека чуе!“ „А со кого да го споредам овој род? Тој личи на деца што седат по пазариштата, па им довикуваат на своите другари и велат: ‚Ви свиревме и не игравте; ви пеевме жални песни и не плачевте.‘ Зашто дојде Јован, кој не јаде, ниту пие, а тие велат: ‚Демон има во Него.‘ Дојде Синот Човечки, Кој и јаде и пие, и велат: ‚Еве човек ненаситен и пијаница, пријател на цариници и грешници.‘ Но мудроста се оправда преку своите дела.“
Тогаш почна Исус да ги укорува градовите во кои се извршија повеќето Негови чуда, бидејќи не се покајаа. „Тешко тебе, Хоразине! Тешко тебе, Витсаидо! Ако во Тир и Сидон беа чуда, што станаа кај вас, тие одамна би се покајале во вреќиште и пепел; но ви велам: на Тир и на Сидон ќе им биде полесно во судниот ден отколку вам! И ти, Капернауме, што си се воздигнал до небото, до пеколот ќе бидеш спуштен; зашто, ако во Содом се беа извршиле чудата што станаа во тебе, тој и до ден денес ќе останеше. Но ви велам дека на земјата Содомска ќе ѝ биде полесно на судниот ден, отколку тебе.“
Во тоа време, откако продолжи Исус, рече: „Те прославувам, Оче, Господи на небото и на земјата, зашто си го скрил тоа од мудрите и разумните, а си им го открил на децата! Да, Оче, зашто таква беше волјата Твоја. Сѐ ми е предадено од Мојот Отец и никој не Го познава Синот, освен Отецот; ниту Отецот Го познава некој освен Синот, и кому што сака Синот да Го открие. Дојдете кај Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам. Земете го Мојот јарем на себе и поучете се од Мене, бидејќи сум кроток и смирен по срце, и ќе најдете мир за душите ваши. Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно.“