Матеј 10:26-39
Матеј 10:26-39 MK2006
„И така, не плашете се од нив; зашто нема ништо сокриено што не ќе се открие, или тајно, што нема да се дознае. Тоа што ви го говорам во темнина, кажете го на видело; и она што ви се шепоти, разгласувајте го од покривите! И не плашете се од оние што го убиваат телото, а душата не можат да ја убијат; туку плашете се повеќе од Оној Кој може и душата и телото да ги погуби во пеколот! Не се продаваат ли две врапчиња за еден денар? И ни едно од нив нема да падне на земја без волјата на вашиот Отец. А вам и влакната на главата ви се изброени. Но не плашете се: вие сте поскапи од многу врапчиња.“ „И така, секој што ќе Ме признае Мене пред луѓето, ќе го признаам и Јас него пред мојот Отец небесен. А кој ќе се одрече од Мене пред луѓето, и јас ќе се одречам од него пред Мојот Отец небесен.“ „Немојте да мислите дека дојдов да донесам мир на земјата; не дојдов да донесам мир, туку меч. Зашто дојдов да разделам човек од татко си, и ќерка од мајка си, и снаа од свекрвата нејзина. И непријатели на човека ќе бидат неговите домашни. Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене; и кој не го земе крстот свој и не оди по Мене, не е достоен за Мене. Кој си го чува животот свој, ќе го загуби, а кој ќе го загуби животот свој заради Мене, повторно ќе си го најде.“

